Пожарот во „Пулс“ беше судир со најтешките човечки страдања

 

Под мотото „Кочани ви благодари“, во Кочани вчера се одржа пригоден настан на кој беа доделени признанија на сите институции, медицински тимови и поединци кои несебично помогнаа во спасувањето и лекувањето на повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“.

Настанот беше обоен со силни емоции и потсетување на моментите кои го обединија градот и регионот во хуманоста. 

- Пожарот во „Пулс“ не беше само трагедија. Тој беше судир со најтешките човечки страдања. Во тие часови на ужас, нашите деца, нашите млади, се најдоа лице в лице со огнот и чадот. А со нив – лице в лице со страдањето – се најдоа и оние кои се заколнале дека ќе го чуваат животот: лекарите, медицинските сестри, техничарите, болничарите, хуманите луѓе, рече градоначалникот Владко Грозданов во обраќањето пред многубројните гости и делегации на настанот.

Во Македонија, во соседството и низ Европа – многумина ја презедоа оваа битка како своја, поддржуваа, донираа – голем е бројот на тие што помогнаа, а нивните имиња никогаш не ќе ги дознаеме...

Кочани им благодари од сѐ срце – на тие што пристигнаа овде да го споделат овој чин на сеќавање и надеж и на тие на коишто признанијата дополнително ќе стигнат на нивна адреса! - беше порачанот на настанот. 

Врвните уметници Симон Трпчески, Игор Дурловски, Зарина Првасевда, Јована Зајкова, Бобан Русески и Наталија Теодосиева придонесоа Кочани да изрази признателност, сочувство, поддршка, надеж – една година по трагичниот пожар во „Пулс“.