
Намерно подметнат пожар кај депонијата во Ново Село, кој избувнал вчера околу 13:30 часот, се прошири во шумскиот појас и заради силниот ветер, високите температури и големата количина сув материјал во гаснењето се вклучиле три авиони на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), пожарникари на ТППЕ Струмица и доброволци од ДПД „РИС-ОПЕРАТИВЦИ“ од Ново Село, ЈКП „Комуна“, вработени во општината и една општествено одговорна компанија која со камиони кипери носела земја.
Веста ја соопштија и потврдија Општина Ново Село, ТППЕ Струмица и Центарот за управување си кризи, а според информациите сторителите биле идентификувани и евидентирани како фрлаат запалив отпад, за што понатаму се спроведува постапка за утврдување одговорност во соработка со СВР Струмица.
Според информацијата од струмичките пожарникари, пожарот се проширил надвор од просторот на депонијата и ги зафатил околните ридови и шумскиот појас.
-Од пожар на депонија прерасна во сериозен шумски пожар со опасност од понатамошно ширење. Условите за гаснење се исклучително тешки. Големата количина отпад, високите температури, сувата вегетација и силниот ветер создаваат услови огнот брзо да се шири и да зафаќа нови површини, посочуваат од ТППЕ Струмица.
Оттаму апелираа до граѓаните да не се приближуваат до опожареното подрачје и да ги почитуваат насоките на службите на терен.