Пожарот што изминатите три дена го зафати Националниот парк „Пелистер“ е ставен под контрола по 72 часа непрекинати активности на терен.

Од Националниот парк информираат дека станувало збор за еден од најкомплексните пожари на отворен простор во земјава оваа сезона, поради непристапниот терен и шумата во која доминираат црн и бел бор.
Во гаснењето на пожарот биле ангажирани голем број припадници на противпожарните единици, Националниот парк „Пелистер“, Дирекцијата за заштита и спасување, Национални шуми, како и други институции, доброволци и приватни компании.
На терен биле екипи на ТППЕ Битола, ТППЕ Ресен и ТППЕ Кавадарци, единици на ДЗС, ППЕ РЕК Битола, ДПД „Архангел“ и ДПД Кочани, како и механизација од јавни претпријатија на Општина Битола и ЈП „Стрежево“.

Во акцијата биле вклучени и хеликоптери на Воздухопловниот ВИНГ на Армијата, како и ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување.
Од Националниот парк посочуваат дека условите на терен биле исклучително тешки, а дел од екипите останале ангажирани повеќе од 48 часа без прекин. Дополнителен предизвик било истовременото дејствување на пожарникарите и механизацијата на земја, додека од воздух интервенциите ги вршеле хеликоптери и авиони.

Од НП „Пелистер“ велат дека пожарот е ставен под контрола благодарение на координацијата меѓу сите ангажирани служби.
„Поддршка и помош за Пелистер пристигнуваше континуирано од сите страни на Македонија“, наведуваат од Националниот парк, упатувајќи благодарност до сите институции, доброволци и други учесници во акцијата.
Сепак, со оглед на тоа што станува збор за шумски пожар во подрачје со борова шума, надлежните екипи остануваат на терен и следат дали има повторно активирање на огнот.