
Во Скопје утрово е активен еден пожар на отворен простор, кај селото Грачани во општина Ѓорче Петров, информира раководителот на Главниот кризен штаб, Стојанче Ангелов.
Станува збор за пожар кој пред два дена од косовска страна се проширил на македонска територија. Не се загрозени населени места, а гори главно трева, грмушки и ниски смреки, поради што пожарот создава силен пламен и густ чад. На одделни места огнот се движи ниско по земја низ мешовита шума.
Во средата во гаснењето, покрај скопските пожарникари, учествувале и два ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување. Вчера, пак, македонски полициски хеликоптер им помогнал на косовските противпожарни служби од косовска страна, каде пожарот бил поинтензивен.
Ангелов информира дека поради ветерот што синоќа дуваше во насока кон Скопје, чадот можел да се почувствува во неколку скопски населби.
Скопските пожарникари во текот на целата ноќ биле распоредени на делови од линијата на пожарот, но тешко пристапниот терен го отежнувал, а на места и целосно оневозможувал гаснењето во ноќните часови.
Утрово интервенцијата продолжува со засилен број пожарникари, а од воздух ќе дејствуваат два ер-трактори на ДЗС, еден полициски и еден армиски хеликоптер.