Пожар во Пинтија го остави речиси цело Скопје без струја и парно

Речиси цело Скопје, вчера вечер,  од 17:15 до 18:00 часот беше без електрична енергија. Причина е пожарот што доцна попладнето избувна на стрништето спроти трафостаницата во Пинтија, предизвикувајќи оштетувања на високонапонската инсталација.

На терен веднаш излегоа противпожарни екипи со две возила кои успеаја да го изгасната огнот, како и припадници на полицијата. На терен излезе и градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. 

Од МЕПСО информираа дека напојувањето со електрична енергија било прекинато поради пожарот во близина на трафостаницата за да можат да интервенираат противпожарните единици.

Без парно останаа некои корисници од Скопје. 

- Што се однесува до системот за парно греење во Скопје, прекинот е настанат поради прекинот на електрична енергија која е неопходна за работа на пумпите во топланите и на пумпите во зградите. Пумпите автоматски се вклучуваат при обновен доток на електрична енергија и е потребно извесно време за нивно подигање, со што се очекува во текот на вечерта греењето да се врати во нормала. Во зградите коишто се постари и со постар тип на топлотни пумпи, вклучувањето ќе се изврши рачно од страна на стручни лица, информираа од АД ЕСМ.