Повторно раст на новозаболени од Ковид-19, Тетово ново жариште

Бројот на новозаболени од коронавирусот во државава повторно е во пораст. Вчера беа регистрирани 36 нови случаи, со што вкупниот број дијагностицирани од почетокот на епидемијата, досега, достигна 1.622, а има и 419 активни случаи. Со вчера објавените од Институтот за јавно здравје, 12 новопотврдени случаи во Тетово и вкупна бројка од 108 дијагностицирани и 52 активни случаи, тој град е новото жариште во коронавирусот.

Најголем број дијагностицирани има во Скопје – 538 и 131 активен случај, а потоа следат Куманово – 408 и 63 активни случаи, Прилеп – 173 и 65 активни случаи и Велес – 107 и 51 активен случај.

Вкупниот број оздравени во државава изнесува 1.112,  а на починати е 91. Досега во земјата се направени вкупно 18.821 тестирања на Ковид -19.

Новите позитивни случаи со Ковид-19 во тетовскиот регион вчера беа причина за итна координација на претставниците на Владата и здравствените институции во тетовската клиничка болница. Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, како главен координатор на кризните штабови на единиците на локалната самоуправа за одбрана од Ковид-19, истакна дека очигледно и покрај тоа што генералниот впечаток е дека состојбата е под конторла и дека трендот е позитивен, освен пикот, сепак констатиравме слабости и во делот на почитување на индивидуалните мерки од страна на граѓаните и комуникација со матични лекари и одговорот на матичните.

– Направивме план кој ќе биде презентиран пред кризен штаб на Владата со цел да го подобриме менаџирањето. Повик до граѓаните да ги почитуваат мерките бидејќи во ситуација кога спласнува пандемијата на ниво на државата може да создаде ситуација на лажна самодоверба дека ја поминавме состојбата да се опуштиме предвремено и наместо за кратко време навистина ја пребродиме оваа состојба, може да ни се врати поради таа лажна самодоверба дека завршивме работа, рече Османи.

Заменик министерот за здравство Арменд Арсални порача дека иако има поголем број нови заболени во Тетовско, нема простор за паника поради ниската инциденца.

Османи при посетата на Тетово истакна дека со раководството на Исламската верска заедница разговарале за спроведување на мерките за запштита на верниците по одлуката да се дозволи посета на џамиите за молитви од 12 мај.

-Тие одлуката ја имаат донесено врз основа на новите бројките што се во опаѓање и поради фактот дека некои земји во регионот и пошироко во светот носат одлуки да се отворат верските објекти. Разговаравме вчера за подготвување сет на мерки што треба да се имплементираат. Тие се спремни сите мерки кои ние ќе ги дадеме во смисла на одржување на доволна дистанца и одредени мерки за лична заштита, верниците да ги почитуваат при извршување на верските обреди, рече Османи.

На новинарско прашање дали државата може да донесе одлука да го забрани користењето на верските објекти како што тоа го направи со објектите во угостителството и туризмот, Османи одговори дека Уставот не го дозволувал тоа. -Ние имаме генерална одлука за спречување на собир и на групирање, уредба со законска сила но немаме уставно право да се мешаме во одлуките на верските заедници, истакна вицепремиерот Османи.

Премиерот Оливер Спасовски апелираше Исламската верска заедница да ја преспита својата одлука за отворање на верските објекти,  а исто така и МПЦ да се однесува сериозно.

-Во однос на отворањето на џамиите односно носењето на  одлуката на ИВЗ јас го кажав мојот став за сите верски заедници  дека тие треба да ги почитуваат одлуките што ги носи Владата и нема организација дали е тоа верска, дали  е политичка, дали е поединец кој не треба да ги почитува  одлуките. Заради тоа што овие одлуки  не се од политичка причина, ова се одлуки што значат заштита на животот  и здравјето на граѓаните. Апелирам да си ја преиспитаат сопствената одлука  во делот на отворањето на верските објекти, меѓутоа исто така укажувам и МПЦ  да се однесува сериозно заради тоа што  направи низа на пропусти во изминатиот период, рече Спасовски.