Повраток на ДДВ, Бугарија од 125, Грција од 50 евра

Државите од регионот, но и европа кои се интересни дестинации за нашите државјани најчесто за шопинг имаат различна политика во однос на враќањето на Данокот на додадена вредност. Овие податоци им се исклучително важни на граѓаните кои одат да пазарат таму, за да можат да го остварат своето право на враќање на данокот. 

Па така, Грција неодамна ја врати тарифата која треба да се надмине за да имате право на повраток на данокот на 50 евра. Во Бугарија бројката е 125 евра, во Хрватска 98, а во Италија 155. Германија е убедливо најнапредна во овој поглед, каде при излегувањето од државата ќе ви го вратат данокот и за само 25 евра. 

Повраток на данок претставува враќање на сретствата кои сте ги дале, одредени од државата како Данок на додадена вредност. Овој вид на данок се однесува на граѓаните на одредена земја, па така доколку се решите производот да го изнесете надвор од дадената држава таа дозволува да си ги повратите парите. Стапката на ДДВ варира, од земја во земја, но и од производ до производ. Иако, во земјите од ЕУ, ДДВ-то е регулирано и стапката е горе-долу иста, единствено што варира е сумата потребна да ја потрошите за да го стекнете правото на рефундација. 

Овој вид на законска регулатива е примарно замислен да им користи на правните лица, односно големите компании со цел да им се овозможи поголема профитабилност и флуидност на пазарот. Но, секако граѓаните, односно физичките лица и тоа како уживаат во благодетот кој доаѓа со рефундацијата на данок. Македонците се чести посетители во грчките трговски центри каде трошат по стотици евра, па на тој основ никому не му е лошо доколку на заминување од Грција му вратат извесен дел од парите.