Повозрасна жена е жртвата во пожарот во куќа во Тетово

Една жена го загуби животот во пожар во семејната куќа во населбата Вонвардарска во Тетово утринава околу 8 часот и 30 минути.

Повозрасната жена била сама во моментот на избувнување на пожарот, бидејќи сопругот бил излезен од домот. Пожарникарите кои биле повикани од соседи за кратко го локализирале пожарот во една од собите, пренесува порталот Тетово Инфо. 

„Имаме една жртва за жал внатре во куќата. Пожарникарите отишле таму со три камиони и со осум пожарникари интервениравме. Човекот што бил со неа, бил надвор од куќата, немало некој друг што може да го забележи тоа. Комшиите што живеат околу нив, забележиле дека има чад и викнале противпожарна единица“, информираше Авни Амети, командир на ТППЕ Тетово.

По интервенцијата на пожарникарите почнат е увид од полицијата и обвинителството за утврдување на деталите околу пожарот.