Повлечен авансот за кинеските вакцини, но договорот не е откажан

Министерството за здравство го повлекло авансот што беше уплатен за набавка на вакцини од кинескиот производител „Синофарм“, но договорот не е откажан.

Од Министерството за здравство за МИА велат дека уплатата била повлечена на барање на кинеската страна поради усогласување на документацијата.

– Авансната уплата која Министерството за здравство ја изврши за набавка на вакцината „Синофарм“, по барање на кинеското Министерство за надворешни работи беше повлечена заради усогласување на документација, на нашето МНР и МНР на НР Кина. Разговорите се во заврша фаза, не станува збор за откажување на договорот, вакцините против Ковид 19 од производителот „Синофарм“ во најкус можен рок ќе стигнат во нашата земја, наведуваат од Министерството за здравство.

Северна Македонија треба да добие 200 000 илјади вакцини од кинескиот производител „Синофарм“. Покрај очекуваните количини преку системот Ковакс, во тек се разговори за набавка и на 100 илјади дози од руската Спутник V, како и вакцини од Фајзер.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера при посетата на Гостивар изрази уверување дека во следните неколку денови ќе може точно да каже кога ќе пристигнат кинеските и руските вакцини против Ковид – 19.

– Не би сакал сега да шпекулирам, сакам да бидам прецизен  тогаш кога точно ќе знаеме кога ќе пристигнат. Се пролонгираше малку периодот. Очекувам сите овие разговори да завршат за што пократко време. Секојдневно има нови прашања од компаниите, тоа важи за сите компании. Од Фајзер за којшто го очекуваме драфт договорот. Со руската компанија интензивно разговараме овие денови после потишувањето на договорот и секако со кинеската, изјави министерот Филипче.

Во земјава досега пристигнаа само 8.000 вакцини Фајзер преку Србија со кои се имунизираат здравствените работници.