Повисоки царини за увозните возила што испуштаат отрови

Приклучување на што поголем број домаќинства на системот на топловодно греење, замена на печките на огревно на дрво со печки на пелети, примена на топловодни пумпи (инвертори), изолација на домовите, промена на начинот на оданочување на возилата при увоз, електрификација на такси возилата…се само дел од краткорочните мерки што ги предлагаат од МАНУ за какво-такво намалување на аерозагадувањето во Скопје.

Од МАНУ признаваат дека не може да се реши овој најгорлив проблем на главниот град за краток период, туку доколку се применат сите мерки што тие ги предлагаат во трите студии што ги имаат изработено во изминативе три години, а се однесуваат на загадувањето на воздухот од домаќинствата во Скопје, и од загадувањето од транспортот во Република Македонија и во метрополата, до 2025 година би можело емисиите на ПМ честичките да се намалат за 93 проценти.

– Мерките што ги предлагаме за секторот домаќинства коренсподираат со мерките што ги преземаат Градот Скопје, општините и државата. Но, во транспортниот сектор предлагаме лепеза на мерки и најголем дел се однесуваат на промената на начинот на оданочување на возилата при увоз и воведување на нова методологија што ќе базира на ЦО2 емисиите. Тоа значи, колку едно возило емитира повеќе штетни емисии, толку повеќе да се плаќа при увоз во државата, а собраните пари потоа да им се вратат на граѓаните преку субвенции. Исто така, може да се направи изедначување на акцизата за дизел со онаа на бензинот. Тоа треба да се прави постепено до 2025 година со цел да не предизвика инфлација – рече д-р Александар Дединец од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ кој побара да се интервенира и во лимитирање на увозот на возила не постари од 8 години.

Дединец најави дека се планира голем процент од возилата во Скопје до 2025 година да се електрифицираат, а ова посебно се однесува за такси возилата.

– Градот Скопје овде може да помогне со големи субвенции и олеснувања за купување на електрични и т.н. “плагин” електрични возила кои на почеток би изнесувале од 5.000 евра, а со секоја наредна година би се намалувале. Големи олеснувања Град Скопје би требало да им даде на такси превозниците со цел полесно да го заменат возниот парк со еко возила. Зошто прво такси возилата, бидејќи тие поминуваат по 40.000 километри годишно и со таква километража купувањето на електрично возило за нив е исплатливо – рече Дединец.

Претставник од ЈСП-Скопје се вклучи во расправата на работилницата што се одржа во Град Скопје на иницијатива на градоначалникот Петре Шилегов и истакна дека нивните автобуси не загадуваат како автомобилите и предложи возниот парк да се замени со автобуси кои ќе возат на метан. Дел од дискутантите не веруваат дека оваа мерка ќе заживее бидејќи, како што рекоа “македонските граѓани немаат пари за основните животни потреби, а камоли да собираат пари за купување електрични возила”.

Според студијата на МАНУ, за имплементирање на посочените, но и на други мерки, само во транпортниот сектор до 2025 година ќе бидат потребни неверојатни 700 милиони евра.