Во рамките на првото издание на ИФДТ „Игор Маџиров“ од 01 до 03 октомври, 2022 ќе се одржи работилница за кукларство под менторство на Јакуб Максимов, театарски режисер и куклар од Чешка Република.
Работилницата ќе се одржи во просториите на Театарот за деца и младинци – Скопје, како што информираат од театарот, во периодот од 12:30 до 14:30 на 01 и 02 октомври, а последниот ден ќе биде посветен на заклучоци од истата.
-Ги покануваме сите заинтересирани студенти на факултутетите за драмски уметности, наши колеги актери, режисери, драматурзи да се пријават за учество на работилницата најдоцна до 29.09.2022 на festival@puppet.com.mk со наведување на: Име и презиме, годишна возраст, контакт телефон, студиска програма/работна позиција. Работилницата е со ограничен број на учесници. Работилницата ќе се состои од истражување на основните елементи на куклен театар и театарот на објектот. Ќе се работи на практични вежби и ќе се креираат неколку кратки етиди со кукли и предмети. Заедно, практично ќе истражуваме што одговара на овој специфичен театарски жанр. Ќе се бараат модерни начини како да се справиме со кукларството како современа уметничка форма. - истакнаа од Театарот за деца и младинци - Скопје.
Инаку менторот Јакуб Максимов е режисер, драматург и перформер. Неговиот домен е модерен куклен театар и театар на објекти. Театарот на објектот е главна тема на неговото докторско истражување на Академијата за изведувачки уметности во Прага. Соработува со повеќе театри и независни компании во Чешка, Германија, Словачка, Србија.