Повик за донации: Млада мајка ја води најголемата животна битка, потребна и е нашата поддршка

Теодора Ампова има само 24 години. Таа е мајка на бебенце од само 18 месеци и секој ден води тешка битка со метастатски карцином на ректум, кој се проширил и на белите дробови.

И покрај тоа што ги поминала сите препорачани третмани во Македонија – системска хемотерапија, радиотерапија и втор циклус на хемотерапија, болеста продолжила да напредува.

По разгледување на нејзината медицинска документација, тимот на болницата Medicana Health Group во Истанбул ја прифатил за понатамошно лекување. Лекарите препорачуваат дополнителни специјализирани испитувања, молекуларно генетско тестирање и започнување на третолиниски третман со таргетирана терапија и орална хемотерапија.

Еден од клучните лекови во третманот – Lonsurf (Trifluridine/Tipiracil) – не е достапен во Македонија и мора да се обезбеди од Турција, што значително ги зголемува трошоците за лекувањето. За целосниот третман потребни се 3.400.000 денари, а секоја донација, без разлика на износот, е чекор поблиску до нова надеж.

Теодора не се бори само за себе. Таа се бори да биде покрај своето дете, да му ги подари годините што допрва доаѓаат и да добие шанса за иднина. Доколку сте во можност, помогнете со донација или споделете ја кампањата. Да ѝ помогнеме на Теодора да ја продолжи својата борба.

Можете да донирате преку платформата е-crowd на следниот линк.