Повелете кајмак со мувла, платив шест, добив три јајца...Граѓаните реагираат на социјалните мрежи

Тегла со кисели краставички внатре со бубачки, бубашваби, црви и молци во леб, догорче од цигара во ќесичка сончоглед…Граѓаните секојдневно реагираат на социјалните мрежи затоа што во храната што ја купуваат наоѓаат различни предмети или инсекти поради несоодветно чување. 

- Пред некој ден купив 6 јајца. Како и секогаш ја отворив кутијата да видам дали има некое скршено, изгледаше дека сите се во ред. Да направам вечера ја отворив кутијата и забележав дека едното јајце кое го земав било пукнато во долниот дел, посегнав по второ јајце тоа беше залепено за картонот, третото едвај го извадив и пред да го скршам ми пукна во рака. Така наместо 6 јајца останав со 3, вели еден скопјанец.

Во друг случај, скопјанка на Фејсбук реагираше дека во кајмакот, откако го намачкала на лебот забележала мувла која на прв поглед и изгледала како бубачка. Коментарите беа згрозувачки, со оглед на тоа дека во случајот се работеше за реномирана фирма-производител.

Во Организацијата на потрошувачи информираат дека ако кај нив некој пријави ваков случај, тие го препраќаат во Агенцијата за храна и ветеринарство. Сепак, оттаму нагласуваат дека не може конкретната загадена храна да се земе на испитување, бидејќи таа е веќе контаминирана и не е веродостојна мостра.

Оттаму предупредуваат дека кога се случува да се најдат надворешни предмети во храната како пластика, стакло и слично, треба на тоа да се гледа со резерва, бидејќи е можно да се работи за местенка на некоја фирма-конкурент.

Има и граѓани што случаите ги пријавуваат и во Организацијата на потрошувачите на Македонија (OПM).

Од  Агенцијата за храна и ветеринарство која се грижи за безбедноста на храната на македонскиот пазар велат дека годинава стасале 190 претставки со кои купувачите се пожалиле дека купиле небезбедна храна, а потоа инспекторите за храна правеле контроли. Од оваа институција апелираат потрошувачите да пријавуваат за сомнителните производи кои ги купуваат.

КАДЕ МОЖЕ ДА ПРИЈАВИТЕ?

Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, здравствената заштита и благосостојбата на граѓаните, потрошувачите можат да ја поднесат до Агенцијата за храна и ветеринарство и до одделението за заштита на потрошувачите во централата на агенцијата или во подрачните единици, усно, писмено  и електронски на info@fva.gov.mk. Претставки може да се поднесуваат и на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22. Претставката може да се поднесе и анонимно, информираат во АХВ.

По завршувањето на целата постапка, предметите се доставуваат до Одделението за заштита на потрошувачите во Агенцијата кое врши евалуација на поднесените претставки врз основа на воспоставената база на податоци, која ја покажува перцепцијата на  потрошувачите за опасностите и ризиците од храната.

Оваа година во претставките на граѓаните испратени до Агенцијата најмногу поплаки имало за изменети својства на храната т.е. на изменети и сомнителни вкус, мирис, боја кај месо, риба, овошје и зеленчук, леб. Имало поплаки и за присуство на контаминенти во храната како биолошки како инсекти, црви, мушички, но и механички како стакло, пластика, метал. Воедно во претставки напоменети се и производите со поминат рок на употреба како месни и млечни производи, чоколади, сомнежи за труење со храна.