
Вознемирувачки случај на семејно насилство е пријавен во Куманово, каде 72-годишна жена пријавила дека била физички нападната од нејзината 13-годишна внука, која, според пријавата, им се заканувала со остар предмет и на неа и на други членови на семејството.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека случајот бил пријавен на 18 јули околу 21:30 часот во СВР Куманово. Полицијата презема мерки за целосно расчистување на настанот.
Во изминатото деноноќие, МВР евидентирало уште неколку случаи на семејно насилство низ државата. Во струшко село бил приведен 55-годишен маж по пријава дека бил агресивен кон член на неговото семејство.
Во Скопје, поранешни сопружници меѓусебно се пријавиле за физички напад. Најпрво 36-годишен маж пријавил дека бил нападнат од неговата 35-годишна поранешна сопруга, а неколку часа подоцна и таа пријавила дека била физички нападната од поранешниот сопруг. Дополнително, 36-годишна жена пријавила дека била физички нападната од својот сопруг во домот во Ѓорче Петров, додека 41-годишна жена пријавила дека на Бит Пазар била физички нападната и удирана со тврд предмет од нејзиниот сопруг.
Во Радовиш полицијата привела двајца мажи, на возраст од 32 и 48 години, по пријави дека физички ги нападнале своите сопруги, додека во струмичко село бил приведен 42-годишен маж кој, според пријавата, агресивно се однесувал кон своите родители и искршил дел од покуќнината.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на сите случаи ќе бидат поднесени соодветни пријави против лицата за кои постојат сомневања дека сториле кривични дела или прекршоци.