Повеќе од две недели нема воз на релација Скопје – Гевгелија, Владата го усвои барањето за итна санација на мостот

Големи се штетите од застојот на железничкиот сообраќај поради оштетениот мост на Црна Река. Според проценките на МЖ Транспорт, претпријатието дневно губи од 21 до 28 илјади евра, што значи дека од 28 септември, кога запре сообраќајот кон Солун, досега штетите се околу половина милион евра.

Од МЖ Инфраструктура велат дека интензивно се работи на санација на мостот. Оттаму потенцираат дека мостот треба да биде готов, и сообраќајот да се врати во нормала за десет дена отсега.

Пронцеките велат дека доколку мостот биде саниран за десет дена отсега, вкупната штета на МЖ Транспорт ќе биде некаде околу 800 милиони евра.

Од компаниите во металуршката индустрија велат дека немаат друга алтернатива за превоз на производите до и од солунското пристаниште. Појаснуваат дека за една пратка би им биле потребни околу 2.000 камиони, што компанијата во моментот ги нема.

На владина седница усвоено е барањето од МЖ Инфраструктура за итна санација на мостот.

-Оштетувањето на мостот не е резултат на неправилно одржување, туку од високи количини на вода кои ја уништија стабилноста на мостот, нанесувајќи штети на столбовите, велат од МЖ Инфраструктура.

Мостот се наоѓа меѓу Градско и Кукуричани на Црна река. Попушти поради надојдената вода, бидејќи во нормални услови водата е длабока од метар и 60 до метар и 80 сантиметри. Кон крајот на минатиот месец водостојот се подигна до пет метри, што направи големи штети на мостот, па мораше да се прекине железницата Скопје-Солун. Во моментов воз сообраќа само од Скопје до Велес и обратно.