Повеќе нема да се доделуваат субвенции за инвертери – исполнета квотата од 5.000 барања

Субвенции за инвертер клима уреди за затоплување на домаќинствата повеќе нема да се доделуваат бидејќи е исполнета квотата од пет илјади апликации колку што се бараше со јавниот повик што го распиша Град Скопје на 3 јули годинава.

– Ги информираме граѓаните дека е исполнета предвидената квота за субвенции, па барања од граѓаните за субвенции за инвертери повеќе нема да се примаат. Според условите во повикот, на граѓаните ќе им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер клима уред, но не повеќе од 62.000 денари во нето износ. На овој повик граѓаните аплицираа онлајн. За граѓаните коишто аплицирале за субвенции за инвертери и ги исполнуваат условите во тек е процесот на предавање на старите печки кои користат нееколошки енергенси во замена за инвертер клима уреди за затоплување – информираат од Град Скопје.

Во наредните две години, согласно со условите од јавниот повик, градската или државната инспекција може да врши инспекциски надзор на лицата што добиле субвенција, за да се види дали навистина ги користат инвертерит,е или е направена измама, за што ќе биде поведена постапка за враќање на финансиските средства.

Во Буџетот на Град Скопје за 2020 година за оваа намена беа предвидени 322 милиони и 400 илјади денари, обезбедни од Владата и со овие средства се очекува замена на некаде околу 5.000 печки со инвертери, односно околу 5.000 оџаци помалку во скопската котлина.

Целта на доделувањеto субвенции за набавка на инвертери е да се придонесе за намалување на аерозагадувањето во Скопје преку намалување на бројот на оџаци кои чадат заради загревање на домовите во текот на грејната сезона, односно во зимскиот период.