Повеќе не дозволувам другите да ми отвораат рани и да ме повредуваат

Пред неколку години одев со еден дечко. И одеднаш одлучи да исчезне од планетава. Буквално. Ми напиша порака дека му треба простор од неколку дена, а јас полна со разбирање за личноста која ја сака, ја прифатив неговата игра.

Скокав при секоја добиена порака и никогаш таа порака не беше од него, барав знаци насекаде околу мене, разговарав и со моите и со неговите и чекав. И понатаму бев полна со разбирање и ниту еднаш не сакав да му го нарушам мирот кој го посакуваше. Полна со разбирање и глупа како гуска, очигледно.

Ме излудуваше фактот дека немав информации каде е, што е, дали е добро, но знам дека тоа повеќе болеше од кое и да било неверство.

По неколку години се запознав со англискиот термин ghosting кој одговара баш на таа ситуација, кога некој нема доволно храброст да се соочи со ситуација, па измислува, исчезнува и глуми, а и над сѐ тоа и манипулира со личноста која му е верна и ја мачи. Мене баш тоа ми се случи. Со месеци психички ме малтретираше. Чекав, се грижев, бев верна и што? Налетав на манијак кој уживаше во тоа некој да му биде потчинет за да прави што сака. Бев глупава и млада и не го забележав тоа навреме, а и тој беше добар глумец. Сите ги лажеше, не само мене.

После неколку години, без оглед на термините и искуството, повторно влетувам во истиот шаблон, само со друго име и презиме и други години. Имавме кратка расправија и тој исчезна. Ја прекина цела комуникација и ме остави да се мачам. По неколку дена, повторно се појави, се извини и се однесуваше како ништо да не се случило. Тој не сакаше да се расправа, да разговара, не сакаше да биде во однос кој бара некаков труд.

Повторно ништо не научив и пак излегов глупава. Се потсетив на една другарка која ми рече дека истата работа ќе се повторува сѐ додека не ја научам лекцијата. И ете, пак паднав на испитот.

После тоа ми се случи уште една слична ситуација, исчезна затоа што морал да размисли. Е па ќе се прашаме. Трет пат ми е доволно да го положам испитот и да речам доста со тие лекции. Своето однесување чувај си го за себе, мене остави ме на мир. И си заминав. Нека си размислува. Го положив испитот, едвај, ама го положив.

Доста е. Уморна сум од тоа да чекам некој да се освести, да биде подготвен, да сфати што сака и сите останати изговори кои ги изнаслушав годиниви. Доста е, подготвена сум да одам понатаму и да продолжам со животот без такви глупости. И свои и туѓи.

До следниот пат, бегајте од сето она што залудно боли.