Повеќе наставници ќе работат со учениците на часовите по природни и општествени науки, предвидува новиот концепт на МОН за основно

Повеќе наставници ќе работат со учениците на часовите по природни и општествени науки, предвидува новиот концепт за учење во основото образование.

Со новата концепција иако бројот на часови за уметничко образование е намален во споредба со фонд на часови за музичко и ликовно образование, сепак преку слободните изборни предмети учениците кои покажуваат афинитет и талент за уметностите имаат можност да се определат и изберат „модул“ од уметностите во текот на сите одделенија на основното образование. Дополнително, Концепцијата предвидува задолжителност и на воннаставните активности, кои исто така нудат програми и активности за развој на уметничкиот талент и наобразба кај учениците.

Во подготовката на новата Концепција МОН се водело од истражување, спроведено во ноември 2020 на 4.168 наставници, кои ги идентификувале потребите од образовна реформа и аспектите на кои таа треба да се базира.

Исто така земени се во предвид анализите од меѓународни релевантни организации и институции кои укажуваат дека се потребни итни и неодложни реформи на образованието, велат од МОН.

Оттаму додаваат дека воведувањето на наставниот предмет општествени науки не значи дека се укинува наставниот предмет историја, туку содржините од него стануваат задолжителен дел од интегрираната наставна програма.

Преку интегрирање на содржини од историја, граѓанско образование и географија, наставниците по овие предмети продолжуваат да работат во училиштето, но сега заеднички ја планираат наставата, ги поврзуваат општествените појави и процеси, а учениците ги учат од различни перспективи. Исто така, концепцијата за основно образование ја дава „рамката“ според која се планира основното образование и документ не ги брише содржини од наставните предмети, ниту пак предвидува менување на содржините од предметот историја. Изработката на поединечните наставни програми ќе следува по развојот и прифаќањето на Концепцијата. Наставните програми ќе бидат изработени од наставници, универзитетски професори и советници од Бирото за развој на образованието, велат од МОН.

Според МОН, интегрираните предмети не се новина во образованието во светот, ниту во нашиот образовен систем (таков пример е предметот природни науки до шесто одделение). Многубројни истражувања покажуваат дека интегрираните наставни програми им помагаат на учениците да ги согледаат врските помеѓу различни природни и/или општествени појави, да го поврзат тоа што го учат со секојдневието и да развијат вештини за доживотно учење.

Концепцијата за основно образование не го одредува бројот на наставници. Но, направените анализи укажуваат дека сите наставници остануваат на работа, бидејќи севкупниот број на часови во наставниот план не е намален.  Со предвидените слободни изборни предмети, наставниците имаат слобода и можност да ја искористат својата креативност во изработка на наставни програми за изборните предмети, според интересите и барањата на учениците, соопштуваат од МОН.

Ефективно поминатото време на училиште, во кое учениците се активно ангажирани во комуникација со наставниците преку наставни и воннаставни активности е поврзано со повисоки постигања, особено кај ученици кои доаѓаат од социјално ранливи семејства. Исто така, доколку училиштето нуди активности поврзани со интересите на учениците, тие со задоволство ќе поминуваат подолго време во училиште.