Повеќе градби на периферија, наместо во „јадрото“ на Карпош

Општина Карпош ќе го „ослободува“ урбаното јадро од нови градби и истите планира да ги лоцира во периферните делови, како на пример Бардовци и Злокуќани, со намера да се обезбеди рамномерен развој на сите урбани заедници.

За ова стана збор на седницата на Комисијата за урбанизам на Општина Карпош која е составена од внатрешни и надворешни членови и експерти од сферата на урбанизмот и просторното планирање со цел да се обезбеди планска урбанизација на општината.

За членови на Комисијата за урбанизам се именувани: Владимир Кироски (внатрешен член), Зорица Китанова (внатрешен член), проф. д-р Влатко Коробар (надворешен член), Дејан Диневски (надворешен член) и Андријана Андреева (надворешен член).

Комисијата има свои надлежности согласно со Законот за просторно и урбанистичко планирање и тоа да ја изработува планската програма за Деталните урбанистички планови, да дава стручно мислење на предлог урбанистичките планови, како и да доставува предлог до градоначалникот за одобрување или неприфаќање планска програма за изработка на урбанистичко-планска документација. Освен тоа, таа ќе спроведува јавна презентација и јавни анкети при одобрување на локална урбанистичко-планска документација, ќе дава мислење за технички исправки на урбанистичките планови и други надлежности, согласно со Законот за просторно и урбанистичко планирање.