Поучна приказна: Оставете ги вашите проблеми пред вратата!

Пред некое време најмив еден неверојатен столар за да ми помогне да ја реновирам старата полска куќичка. Првиот ден беше тежок, му пукна гумата на автомобилот, па потоа му се расипа електричната пила, а како шлаг на крајот од денот, автомобилот не сакаше да му запали.

Додека го носев дома, човекот седеше со сериозно лице и во потполна тишина. Кога стигнавме, ме покани да влезам и да го запознаам неговото семејство. Додека одевме кон вратата, накратко застана пред едно мало стебло, допирајќи ги врвовите на гранките со двете раце.

Пред да ја отвори вратата, неговото лице неверојатно се промени! Неговото загрижено и намуртено лице го промени изразот и сега на него имаше насмевка. Тој влезе и ги прегрна своите три мали деца и ја бакна сопругата. По опуштеното дружење, стана да ме испрати до автомобилот. Поминувајќи покрај стеблото го прашав какво чудесно стебло е тоа?

Тој ми одговори: „О, тоа е моето стебло на грижата. Знам дека не можам да побегнам од проблемите на работа, но она што е сигурно е дека тие проблеми не им припаѓаат на мојата жена и деца. Затоа секоја вечер, пред да влезам во куќата, ги обесувам на стеблото. Наутро кога одам на работа, повторно си ги земам.“ Неколку секунди молчеше, па продолжи: „Но, смешно е тоа што кога во утринските часови ќе дојдам да си ги земам повторно, ги нема ни приближно толку колку што се сеќавам дека сум ги оставил претходната вечер!“

Сите ние треба на крајот од денот да ги обесиме и оставиме проблемите на своето чудесно стебло.