Поучна приказна: Колку е тешка твојата вреќа?

Една древна легенда зборува за три мажи, кои, секој на својот грб, носеле по две вреќи. Но, товарот не го чувствувале подеднакво. Вреќите, една напред, а друга позади, виселе обесени на дрвен стап на рамото.

Го прашале првиот човек што има во вреќата. Одговорил: „Сите мои успеси, сите добри дела и животни радости се во задната вреќа. Скриени од погледи, завршени, не ми пречат многу. Во вреќата напред ги имам сите лоши работи кои ми се случиле. Одам, застанувам често, ги вадам, ги гледам, проучувам, размислувам што да правам. Постојано сум со нив. И во мислите и во чувствата. Постојано работам на нив.“ Тој човек често застанувал, гледал назад, се мачел и напредувал малку и бавно.

И на вториот човек му го поставиле истото прашање. Одговорил вака: „Во вреќата напред ги носам сите мои добри дела и спознанија за доблестите. Често ги гледам и ги покажувам на другите. Вреќата одзади ги содржи грешките и моите слабости. Ги носам со себе каде и да одам, затоа што тие се мои и не можам туку така да ги тргнам настрана. Ме успоруваат, понекогаш се многу тешки.“

Кога дошол на ред третиот човек, тој одговорил вака: „На предната вреќа напишав „добрина“. Преполна е со позитивни мисли, добри човечки дела, сите добри работи кои сум ги имал и направил. Таа вреќа не ми е тешка. Напротив, како бродските едра, ми помага да се движам напред. Враќата одзади има напис: „лоши спомени“ и е празна, затоа што на таа вреќа ѝ го отсеков дното. За сите лоши работи што ми се случија, за лошите мисли кои понекогаш ги имам, за злото кое го слушам од другите, малку размислувам и ги фрлам во вреќата. Потоа тие засекогаш исчезнуваат низ дупката од вреќата. Јас сум слободен. Јас немам товар кој би ми ги отежнувал патот.“