Потврдено: Македонија нема да учествува на Евровизија

Македонија нема да биде дел од Евровизија 2018, која ќе се одржи во Лисабон!

Имено, името на нашата земја го нема на списокот меѓу 42. земји-учеснички, објавен од страна на ЕБУ, а како причина за тоа што догодина ќе немаме претставник во Лисабон деновиве во јавноста се споменуваше долг на јавниот сервис кон ЕБУ. Потврда за оваа информација не успеавме да добиеме, бидејќи сите лица кои до лани работеа на Евровизија во текот на вчерашниот ден не одговараа на нашите повици.

Инаку, најголемиот европски музички натпревар ќе се одржи под слоганот All Aboard!, и тоа во периодот од 8 до 12 мај, односно двете полуфинални вечери се закажани на 8 и 10 мај, а големото финале ќе се случи на 12 и дел од него ќе бидат 26 земји од вкупно 42 земји учеснички.

Еве ги земјите учеснички: Албанија, Ерменија, Австралија, Австрија, Азербејџан, Белорусија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грузија, Грција, Унгарија, Исланд, Ирска, Израел, Италија, Латвија, Литванија, Малта, Молдавија, Црна Гора, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Русија, Сан Марино, Србија, Словенија, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Украина и Велика Британија.

Настанот веќе е извесно дека ќе се одржи во Алтис Арена во Лисабон.

Колку за потсетување годинава во Киев, Украина, боите на нашата земја ги бранеше Јана Бурческа со темата “Dance alone”. За жал, со завиден успех не може да се пофали, ама факт е дека го привлече вниманието со тоа што на самата сцена откри дека е бремена, а зад неа, односно од Зелената соба беше и запросена.

Официјално Македонија е дел од Евровизија од 1998 година, кога ова музичко натпреварување се одржа во Бирмингем, Велика Британија. Најдобриот пласман Македонија го имаше во 2006 година, кога наш претставник беше Елена Ристеска со темата “Нинанајна”. Од поранешните Ју-републики само нашата земја и Црна Гора никогаш не успеале да се најдат меѓу најдобрите 10 земји.

Досегашни учесници и освоени бодови

1998 Владо Јаневски – “Не зори зоро” (16 бода)

2000 ХХЛ – “100% те љубам” (29 бода)

2002 Каролина Гочева – “Од нас зависи” (25 бода)

2004 Тоше Проески – “Life” (44 бода)

2005 Мартин Вучиќ – “Make my day” (52 бода)

2006 Елена Ристеска – “Нинанајна” (56 бода)

2007 Каролина Гочева – “Мојот свет” (73 бода)

2008 Тамара, Адријан и Врчак – “Let me love you”

2009 Некст тајм – “Нешто што ќе остане”

2010 Ѓоко Танески, Били Sвер и Дамјан Пејчиноски – “Јас ја имам силата”

2011 Влатко Илиевски – “Русинка”

2012 Калиопи – “Црно и бело”

2013 Есма и Лозано – “Пред да се раздени”

2014 Тијана – “To the sky”

2015 Даниел Кајмакоски – “Лисја есенски”

2016 Калиопи – “Дона”

2017 Јана Бурческа – “Dance alone”