Потврден прв случај на корона вирус во земјава

Потврден е првиот случај на заболен од коронавирус во земјава. Станува збор за пациентка, родена 1970 година од Скопје, која одреден период престојувала во Италија.

Ова го соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче, на заедничката прес-конференција во Владата, на која се присутни и премиерот Оливер Спасовски и д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.

-Нема простор за паника, пациентката е сместена на Инфективната клиника во Одделот за изолација, соодветно се третира нејзината состојба. Епидемилошките анализи укажуваа на тоа дека таа еден месец била во Италија во посета на роднини. Веќе две недели е болна и иницијално се тестирала во здравствената установа во Италија и непосредно по влегувањето на нашата земја директно се упатила на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Инкубацијата е помината и во моментот на транспорт таа не претставувала опасност за да ја пренесе болеста, рече Филипче.

Претходно денеска министерот Филипче рече дека случај со корона вирус засега од регионов има во Хрватска, а денеска беше потврден и првиот случај во Грција. Во Албанија корона вирус, како што рече Филипче, се уште нема, а од Косово  се чекаат информации.