Потресни сведоштва на „Маршот за ангелите“ во Кочани: „Од 16 март не сум татко – внатрешно сум мртов“

„Како можете да објавите моја фотографија за ‘Татко на годината’ кога од 16 март веќе не сум татко и никогаш нема да бидам, затоа што ми го убија единствениот син?“ – со овие зборови денеска се обрати скршениот родител на петтиот протестен „Марш за ангелите“ во Кочани.

„Веќе никој не ме нарекува татко. А не можам ни да бидам татко на 60 години, поради нашите убијци. Од тој ден јас сум само физички жив – како фигура. А внатре сум мртов. Обвинители и судии, внимавајте како ќе судите! За виновните бараме една година затвор за секое дете што го загубивме и по половина година за секое повредено. Тоа се најмалку 115 години – како во турско време. Судете праведно! Ако нема правда, зошто само да шетаме мирно? И онака, ние сме мртви. Не терајте нè на ‘селска буна’“, предупреди тој.

Родителите на настраданите млади уште еднаш побараа одговор од институциите – кој дозволи да загине толку голем број на млади животи.

„Веќе не се плашиме од никого, освен од Бога. Затоа поставуваме прашање до министерот Тошковски и премиерот Мицкоски – кој им дозволи на демоните да ги убијат нашите ангели? Зборуваме јавно и гласно. Не сакаме тајни средби. Кога ќе го добиеме одговорот – ќе бидеме смирени“, рече една мајка чија ќерка почина во трагедијата.

Родителите порачаа дека очекуваат фер и правична судска постапка. Во спротивно, подготвени се да го продолжат барањето за правда пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур и да побараат поддршка од домашни и меѓународни правни експерти и адвокати.