Од Скопје полетавме на 3 март, ноќта, а веќе следниот ден во 5.30 часот слетавме во Доха. Штом ги средивме царинските формалности и стапнавме на територија на Катар, веднаш нè разделија. Јас заминав во куќа само за жени, а сопругот го однесоа во друга куќа, само за мажи. Не смееме да живееме заедно, иако сме во брак.

Со овие зборови 33-годишната скопјанка Тања ја раскажа својата приказна за првото гурбетско искуство во далечниот Катар, каде што заедно со нејзиниот сопруг Ѓоко заминале пред два месеца.

Плановите за овде да живеат сами и да планираат семејство не можеле да ги остварат. Работата не им била постојана, а и од тоа што го работеле, не добивале редовни примања. Немањето пари им донело и секојдневни расправии.

Решение за излез од таа ситуација нашле во барањето работа преку агенција што посредува за земјите во арапскиот свет.

- Бевме на неколку интервјуа. Излезе можност за Абу Даби, но тоа се откажа. Сепак, на почетокот од годината ме викнаа и ме примија за работа во Катар. Бидејќи бев во брак, изразија желба да направат интервју и со сопругот, по што и него го примија – вели младата скопјанка.

На аеродромот во Доха ги чекал организиран превоз од компанијата што ги вработила, но веднаш се соочиле со строгите правила што важат во таа земја, особено за машко-женските односи. Таа е сместена во вила само за жени, а сопругот во вила само за мажи.

Чекаат да добијат катарски документи, слични на лични карти, со кои ќе имаат право да живеат заедно.

- Навидум сè е одлично и имаме призната венчаница, но сè уште не можеме да живееме како брачен пар. На улица или во трговски центар нема држење за рака, нема прегрнување. Ако некого фатат во јавност како разменува нежности, оди во затвор и го депортираат. Со сопругот се гледаме само за пауза во трговскиот центар каде што работиме и додека патуваме со организираниот превоз кон работа. Вообичаено ни дозволуваат и во исто време да користиме слободен ден – вели Тања.

Среќна околност е што  двајцата се во ист трговски центар, па можат да се гледаат за време на паузи. Сепак, и таму има правила на однесување.

- Време за дружење со други луѓе нема. Сè се сведува на работа-дома-работа-дома, освен во тој еден слободен ден што го добиваме во текот на една работна седмица. Работиме во, може да се каже, луксузни бутици. Јас во „Карен Милен“,  а тој во „Версаче џинс“. Има правила за однесување со купувачите, на кои им се обраќаме на англиски, а ако сакаме да го придобиеме нивното внимание, користиме и понекој нивни збор – вели Тања.

Заработките им се многу поголеми отколку претходно кога живееја во Скопје, па, како што истакнува, можат и да заштедат.

- Сега за сега сè е во ред. Mесечните примања се три до четири пати поголеми од просечната плата во Македонија, но секако мора да напоменам дека и секојдневието е скапо, освен нафтата која е речиси бесплатна – вели Тања.

Според неофицијални податоци од агенциите кои посредуваат за работа, во Катар бројката на македонски граѓани се движи од три до четири илјади.