Потребно ли е враќање на редовниот сообраќаен режим?

Додека едни седат, други три лица им стојат над глава. Не постои правилото за дијаголно седење, уште помалку простор за разминување и неопходна социјална дистанца. Ова е сликата во услови на пандемијата што ја регистрираше Канал 5 во јавниот градски превоз, кој се уште функционира со саботен возен режим. Во автобусот, во кој минавме околу половина час со патниците, евидентно беше дека повеќето граѓани носат маски, со помал дел исклучоци. За граѓаните е нејасно зошто автобусите и натаму се редуцирани со оглед на метежот.

-Џабе се обележани седиштата кога е катастрофа, никој тоа не го почитува, сабајле пуштаат еден автобус а внатре сто патници, зошто не пуштат еден позади друг, не може со еден автобус сто души да се возат.

-Ужас, преполни се автобусите, не се почитува ни растојание, и да го чекаш наредниот автобус и тој е полн. /Кога е шпицот кога одиме и се враќаме од работа треба да пуштат повеќе автобуси.

-Ова по саботен е навистнина невозможно, многу е отежнато и многу се ретки, барем да е по летен.

-Често пати се доближуваме еден до друг, поради таа гужва, нормално.

-Возењето во автобус може да биде и ризично од други аспекти. Такво искуство имал патник, кој опоменал сограѓанин да стави маска, па за малку, избегнал ќотек.

-Луѓето не носат маски, во автобусите го опоменувам и ништо не ми одговора, еднаш ќе добиев ќотек.

-Веќе една недела Скопје барем навидум функционира нормално, граѓаните почнаа да одат на работа, но со мерки и препораки кои што мора да се почитуваат.

Граѓаните со страв го користат јавниот превоз поради метежот кој се создава во автобусите. Тие велат дека недостасуваат позачестени линии.

Од друга страна градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов вели дека возниот ред засега нема да се менува бидејќи е адаптиран на потребите, според нивните анализи.

Ги обработуваме подадоците на дневна основа, верувајте освен во шпицовите во раните утрински часови, ние дефакто во текот на денот немаме употреба на јавниот транспорт на тоа ниво да размислуваме за потреба да го вратиме редовниот возен ред.

Шилегов додаде дека автобусите се големи потрошувачи и дека истите не треба да се зголемуваат, бидејќи за сега од тоа немало потреба.