Потребно е заедничко дејствување за подобар и квалитетен живот на лицата со посебни потреби

Во периодот од ноември 2015 до мај 2017 година, Фондацијата за одржлив економски развој ПРЕДА Плус во соработка со Здружението на студенти и младинци со хендикеп го имплементираат проектот „Градење на капацитети на организации за помош на лицата со посебни потреби во Република Македонија“.

Целта на проектот е да се промовираат и да се зајакнат партнерствата помеѓу различни организации, јавни институции и приватниот сектор, со цел градење на капацитети за подобрување на социјалните услуги, мрежите, местата за работа и учење на оваа група на граѓани. Проектните активности целат кон зголемено и олеснето исполнување и уживање на човековите права на лицата со инвалидност, за што потребно да се зголеми и биде поефикасно нивното учество во општеството преку дијалог и акција меѓу приватниот, јавниот и граѓанскиот сектор.

Во рамки на проектот се реализираат низа на активности за реализација на поставените цели, како што се истражувања, анализи, презентации, тематски дебати на кои беа вклучени и самите лица со посебни потреби, родителите,  претставници од јавните институции (МТСП, МОН, МЗ),  граѓанските организации, на кои се дискутираше за: вработување на лица со посебни потреби, образовен процес на лица со посебни потреби, социјални услуги за лица со посебни потреби и здравствена заштита на лица со посебни потреби во Република Македонија.

Во месец март како што најавуваат од здруженијата се очекува и промоција на шест кампањи под слоганот ”За сечие добро” кои ќе опфатат работилници и поделба на промотивно-едукативни материјали. Кампањите ќе бидат посветени на шест теми за кои е очигледна потребата од заедничко дејствување на сите општествени страни, како што се: Архитектонските бариери до јавните установи, Здравствена заштита на лица со посебни потреби, Со лична асистенција до полесно и подобро функционирање, Работни места за лицата со посебни потреби во Македонија, Да создадеме можности за сите да учиме под еднакви услови и Дневни центри на локално и национално ниво.

Инклузијата на лицата со посебни потреби е од особен општествен интерес за сите сегменти и подобрувањето на оваа состојба го издигнува нивото на општествен развој и прифаќање на различностите. Проектот е финансиран со грант од Националната програма на Европската Унија за помош при транзиција и институционална надградба 2011, во рамки на Инструментот за претпристапна помош (ИПА).

Повеќе информации за проектот и активностите во рамки на истиот може да се добијат со контакт на лицето Марија Димитровска,  marija.dimitrovska@predaplus.eu.