Потрагата по Спасе Д. од Велес продолжува

Ниту по три и пол дена не е пронајден исчезнатиот Спасе Димовски (51) од Велес. Него и денес блиските, роднините и пријателите го бараа во тешко достапниот терен на селото Белештевица. Димовски според информацијата од МВР исчезна на 6 август во 14.47 часот во село Белештевица, велешко, на место викано Лавчани, од надојдената вода на локалната река.

„Вчерашното невреме во целост го измени теренот. Ништо не е како што беше претходно. Поројницата Белештевичка река, синоќа повторно направила пустош, однела дури и дрвја. Во вакви услови, иако бевме повеќе луѓе, не можевме да го пребаруваме теренот“, вели Лефко Димовски, брат на исчезнатиот Спасе.

Семејството и блиските на Спасе се разочарани пред сè од односот нa ЕВН, кои како што велат роднините, ги немало никаде да се јавеле и прашале за помош.

„Спасе секогаш кога беше потребен за ЕВН беше тука. Имаа од него телефонски број и лето и зимa, кога ќе заглавеа го бараа за помош, да ги извади од калта, снегот. Така било и овој пат. Тој има штали таму и го викнале луѓето од ЕВН со тракторот да ги извлече. Ги извлекол, тие биле двајца со џипот и заедно со говедарот и брат ми се качиле во џипот да се вратат. Минувајќи низ теренот, наишол потокот, водотекот, кој бил огромен и го однел возилото и Спасе, другите се спасиле“, додава Лефко.

Тој се сомнева дека телото на брат му може да е стигнато и до реката Вардар и затоа ги замолува риболовците, земјоделците кои имаат површини покрај реката ако видат нешто сомнително да ги информираат. Од велешката противпожарна единица, чии вработени биле ангажирани во пребарување на теренот првиот ден, во четвртокот, велат дека ќе се приклучат, кога за тоа ќе има услови.

„И реката Вардар е со големо ниво. Не е можно да се врши пребарување. Опасноста е по луѓето кои се наоѓаат покрај неа. Затоа ќе се приклучиме во потрагата веднаш кога ќе се создадат услови за безбедност на трагачите“, изјави Љупчо Лепидовски, командир на противпожарната единица од Велес.

izvor-sdk.mk