Во банкарските кругови кружи бројка од илјадници заглавени граѓани. Граѓаните заглавиле со 83,5 милиони евра, што не можат да ги вратат. Статистички, дури над шест отсто од вкупно одобрените кредити на банките кај граѓаните се ризични за враќање.

-Пред пет години дојде јатрва ми со плачење дека итно и’ требаат пари и дека мора да земе кредит за да ги покрие долговите за струја и за вода бидејќи веќе имала извршно решение. Првин побара пари од мене, но кога сфати дека немам да и позајмам, побара да и’ бидам жирант за да земе потрошувачки кредит. Не видов ништо лошо во тоа и потпишав. Не знаев дека тој потпис ќе ме чини пет илјади евра од мој џеб. Немаше ништо спорно една година. Ратите си ги намируваше таа, но потоа ненадејно заминаа во странство. По неколку месеци добив писмено известување од банката дека сум првиот жирант и ме известуваат дека има неплатени рати за три месеци. Од тогаш плаќам туѓ долг“, вели Васка од Скопје.

Со ист проблем е и нејзиниот сограѓанин Александар, кој со цел да помогне на колешка, наместо благодарност, завршил со долгови на врат.

-На работа ми се пожали дека е во тешка материјална состојба бидејќи и сопругот не работи. Не прашав зошто и се парите, но претпоставувам за преживување и за затворање некои претходни долгови. Набргу остана без работа, па долговите кон банката ми ги остави мене. Се надевам дека еден ден ќе ми ги врати ако има“, вели тој.

Секоја банка си има своја деловна политика. Ја интересира само намирувањето на долгот, но не и на кој начин.

-Моите родители сакаа да им помогнат на едни наши блиски пријатели.Тие престанаа да го плаќаат кредитот.На татко ми му ја блокираа сметката и целата плата му одеше таму сигурно 3-4 години. Многу лош период беше тоа. Живеевме само со платата на мајка ми со која едвај успевавме да ги покриеме основните трошоци. По некое време среќа што јас почнав да работам, па им помогнав да го надминеме периодот. Затоа сега никому не би му била жирант, освен на брат-сестра. Полесно ми е некому да позајмам пари, отколку да бидам жирант. Кога давам на заем знам дека ги имам тие пари и го прифаќам ризикот дека можеби нема да ми бидат вратени. Ама ако сум жирант може да заглавам со пари што ги немам, па да не знам каде да се свртам, вели Виолета.

Податоците, пак, на Народната банка покажуваат дека граѓаните имаат речиси 1,4 милијарда евра долгови во банките. Од нив дури 83,5 милиони евра се ризични кредити за наплата, а колку од нив се враќаат со хипотеки или жиранти, никој не знае.