Денес со задоволство ги потпишав првите 50 решенија за исплата на еднократна финансиска поддршка за секое запишано прваче за учебната 2025/2026 година, сподели градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„Оваа мерка произлегува директно од мојата изборна програма, која ја претставив пред граѓаните на Гази Баба со јасна визија: да создадеме општина која е социјално чувствителна, фокусирана на децата, образованието и семејствата. Токму затоа, оваа поддршка, за прв пат воведена во Гази Баба по моето доаѓање како градоначалник, е многу повеќе од финансиска помош – таа е симбол на доследност, одговорност и исполнување на дадениот збор, истакнува Стефковски во објавата.
Како што вели, во време кога довербата во институциите често се доведува во прашање, исполнувањето на ветувањата од изборната програма претставува клучен момент за враќање на кредибилитетот и зајакнување на врската меѓу граѓаните и локалната самоуправа. Секое реализирано ветување е чекор кон поголема доверба, стабилност и социјален развој.
Тој додава дека граѓаните имаат право да очекуваат конкретни резултати, а ние како раководство имаме обврска да ги испорачаме.
„Затоа, оваа поддршка за првачињата е дел од нашата поширока стратегија – да создадеме средина каде секое дете ќе има еднаква можност за почеток, а секое семејство ќе знае дека општината стои зад него. Ги повикувам сите семејства во нашата општина кои имаат првачиња да ја искористат оваа можност и да аплицираат. Сите детали за начинот на аплицирање се објавени на веб-страната на општина Гази Баба. Заедно покажуваме дека зборот даден пред граѓаните не е само изборно ветување, туку обврска што ја исполнуваме, порача Стефковски.