Потпишан Меморандум за соработка за проектот Образование за вработување

Министерот за економија Крешник Бектеши заедно со амбасадорката на Швајцарија во Република Северна Македонија, Сибил Зутер Техада, потпишаа Меморандум за соработка за проектот Образование за вработување во Северна Македонија со Курт Витрих, тим лидер на проектот.

Проектот работи на воспоставување партнерства помеѓу средните стручни училишта и компаниите, подобрување на понудата за обуки за стручни вештини како и зголемување на интересот за стручното образование и обука.

Соработката од овој меморандум ќе се реализира преку Програмата за конкурентност и иновации на Министерството за еконимија.

„Важноста на овој меморандум за нас е голема пред се бидејќи се создаваат услови за примена на современи методи за реализација на практична настава на учениците во домашните претпријатија. Ние како Влада уште од самиот почеток се посветивме да работиме за унапредување на пазарот на труд во земјата и овозможување на учениците веднаш по завршувањето на образованието да бидат подготвени за пазарот на трудот. Целта за ваквата заложба е од една страна да им излеземе во пресрет на компаниите да обезбедат квалитетен кадар, а од друга страна да ги задржиме младите да останат во земјата и својот иден кариерен развој да го градат тука. Образованието е основа за развој на стабилна и одржлива економија, но се соочуваме со предизвик што гласно го алармираа стопанските комори и работодавачите за дефицит на стручен и квалификуван кадар во одредени струки, истакна министерот Бектеши по потпишување на Меморандумот.

Тој потенцираше дека секој кој што ќе приклучи кон дуалното образование во иднина ќе биде сигурно вработен, ќе има струка која ќе се вреднува.

„Направивме неколку чекори во оваа насока во образовниот систем, но тоа се првични чекори, затоа со ваква директна поддршка од институциите, ако пристапиме кон реформите побрзо и подинамично тогаш резултатите ќе бидат поголеми и побрзо ќе ги прилагодиме младите, но и невработените на барањата на пазарот на труд кој е многу динамичен.Со овој меморандум и со поддршка од Министерството за економија очекувам дека во иднина ќе се постигне поголем напредок во усогласување на понудата и побарувачката на пазарот на труд и ќе ја покаже уште еднаш нашата силна заложба за развој на концептот на учење преку работа во претпријатијата и кај занаетчиите како и понатамошен развој и подигнување на степенот на соработка во иднина“ потенцираше Бектеши.

Амбасадорката истакна вклучувањето на приватниот сектор во подобрување на работните вештини е значаен аспект во системот на образование во Северна Македонија.

„Во 2019 година нашиот проект соработуваше со 16 компании во Северна Македонија во кои тренинг имаа 600 невработени лица во соработка со училиштата. Повеќе од 350 лица веќе се вработени и вклучени во подобрување на конкурентноста на компаниите кои ги ангажирале“, истакна амбасадорката.