Потпишан меморандум за соработка на МПС и синдикатот на државните полициски работници на Албанија

Денеска во Тирана претседателот на Македонскиот полициски синдикат Марјан Кицев и претседателот на Синдикатот на државните полициски работници на Албанија Садетин Фишта, потпиша Меморандумот за меѓусебна соработка. 

Заедничка оценка е дека преку официјализирање, со потпишување на Меморандумот за соработка, се „продолжува повеќе децениската билатерална синдикална соработка кои ги претставуваат вработените во безбедносните органи на двете братски држави“.  

Според Кицев очекувањата од оваа меѓусебна соработка се големи, особено поради фактот што членовите на овие синдикални организации ги засегаат заеднички проблеми карактеристични за овој регион во кој делуваат овие синдикати. 

-Со Меморандумот се предвидуваат активностите на синдикалните организации  во двете држави на полето за аплицирање  на проекти за добивање средства за спроведување на активности пред соодветни институции и фондации кога тоа е од интерес на членството. Исто така давање на секаков вид на меѓусебна помош и поддршка во случаите кога ќе имаат проблеми поради своите синдикални идеи, активности и планови, посочува тој. 

Покрај потпишувањето на Меморандумот за соработка, делегацијата на МПС, предводена од Кицев, а во која беа и генералниот секретар, Зоран Кузманоски,  заменик на генералниот секретар, Адријан Телќиу, како и Вулнет Поцеста,  советник на претседателот на МПС, оствариле средба со раководството на Синдикатот на државните полициски работници на Албанија при што се договорени низа активности за следниот период.