Потпечено пилешко со спанаќ

Ако сте љубители на пилешко месо, овој рецепт ќе биде идеален за вашето мени. 

Состојки:

600 гр пилешки стек
1 кг спанаќ
Еден кромид
Црвен пипер
Сол, бибер, масло
Зачини по желба

Поготовка:

Пилешките стекови исечете ги на покрупни коцки или долгнавести парчиња. Зачинете, посолете, ставете и бибер и потпржете го месото во тава со масло. 

Додајте 100 мл вода и оставете да се динста. 

Кромидот исецкајте го на многу тенки парчиња и ставете го во месото. Ставете лажичка црвен пипер и долејте уште 100 мл вода. 

Погответе керамички или каков било огноотпорен сад за печење, по можност со капак. Попрскајте со масло, ставете половина од спанаќот, па врз него половина од смесата со пилешко, па потоа спанаќот и најгоре пилешкото. 

Печете во покриен сад околу еден час, на постојана температура од 220 степени. Пред самиот крај, тргнете го капакот (или фолијата). 

Ова јадење можете да го служите со компири, ориз или да го јадете без никаков додаток.