Потпечена фета со шери домати и тестенини

Што е потребно за еден рецепт на ТикТок да го погледнат повеќе од 10 милиони луѓе? Очигледно парче сирење, малку зеленчук и тестенини се сосема доволни.

Рецептот за фета со шери домати кој на ТикТок го објавил „Cookingwithayeh“ има 10,1 милиони прегледи, „Feelgoodfoodie“ дополнителни 1,1 милион и „d_shaba“ има 1,3 милиони прегледи, а на Инстаграм хаштагот #fetapasta има речиси 7000 објави. Доколку на тоа ги додадете и прегледите на разни кулинарски блогови, бројката се искачува до небо...

Се верува дека рецептот првпат се појавил на интернет кога за првпат го објави финската гастроблогерка Џени Хајринен пред 2 години. Рецептот е особено омилен поради достапноста на состојките и едноставната припрема.

Потребни состојки:

- 500 гр. шери домати

- 4 чешниња лук

- 1/2 чаша маслиново масло

- поголемо парче фета сирење (200 гр.)

- 250 гр. тестенини

- зачини по желба

- сол, црн бибер

Начин на припрема:

1. Загрејте ја рерната на 200 Целзиусови степени.

2. Во средина на тавата ставете ја фетата, па околу неа распоредете ги шери доматите и преполовените чешниња лук. Прелијте со маслиново масло и печете околу 40 минути.

3. Сварете ги тестенините, процедете ги и сочувајте една чаша вода во која се вареле тие.

4. По печењето, згмечете го сирењето и зеленчукот со вилушка, па додајте ги тестенините и промешајте.

5. Доколку доматите не пуштиле доволно течност, додајте ја водата од варените тестенини.

6. Додајте ги зачините по желба и сервирајте додека е топло.