Построги и подолги затворски казни за трговија со луѓе, Обвинителството никогаш не е задоволно од досудената казна

За кривичното дело „трговија со луѓе“ во текот на 2017 година се работело на кривични пријави останати нерешени од претходните години против четири лица. По подигнатите обвиненија (Обвинителни акти и Обвинителни предлози) и завршена првостепена судска постапка донесена е осудителна пресуда против едно лице, за кое е изречена условна осуда по обвинителен акт од претходната година.

По изјавена жалба, информираат за МИА од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Апелацискиот суд Скопје донел второстепена пресуда со која првостепената пресуда – алтернативна мерка условна осуда, односно казна затвор од две години која нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од пет години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело, ја преиначил во казна затвор во траење од две години.

Ова е само еден пример, зошто Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за предметите каде што кривичното дело е „трговија со луѓе“ е исклучително сензитивно и никогаш не е задоволно од досудената казна.

– Ова тврдење се гледа и во фактот што јавните обвинители и на изречени пресуди за казна затвор од над 15 години вложуваат жалби до второстепениот суд и бараат повисоки казни. Оттука, може да се заклучи дека одмерување на казните е во надлежност на судовите, а обвинителството е само странка во постапката, децидни се од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.

Американскиот Стејт департмент во годинашниот Извештај за спречување на трговијата со луѓе, препорачува да се спроведат построги истраги, да се гонат и осудат осомничените трговци со луѓе, како и да не се заобиколуваат и официјалните лица за кои има сомнежи за соучество. Стејт департментот препорачува и построги и подолги затворски казни.

Според Обвинителството, нашата држава во однос на ова кривично дело e една од првите земји во регионот која извршила значајни законски реформи за ефективна борба против трговијата со луѓе. Имаме воспоставено одговорен, оперативен и координативен систем што е во согласност со релевантните меѓународни конвенции и протоколи. Во насока на обезбедување на највисоко ниво на усогласеност со меѓународните стандарди и најдобрите пракси во оваа сфера, наведуваат, во изминатите години беа изменети бројни закони.

Не е искристализирана законската дефиниција, потребно допрецизирање на споменатите кривични дела

– Сепак, мора да признаеме дека законската дефиниција за кривичното дело „трговија со луѓе“ не е доволно искристализирана. Овде се мисли на одредбите во членовите 418 – а и 418 – г, каде како еден од начините на вршење на делото е наведено врбувањето на лица заради експлоатација по пат на проституција, што пак како опис стои и во описот на кривичното дело – Посредување во вршење проституција од член 191 ст.1 од Кривичниот законик. На овој начин во практиката се создава почетна конфузност при подведувањето на одредено дело под соодветната законска инкриминација, што понатаму го доведува во прашање и определувањето на надлежноста на обвинителството, дотолку повеќе што согласно член 32 од Законот за јавното обвинителство кривичните дела „трговија со луѓе“ и „трговија со дете“ се во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, додека кривичното дело „посредување во вршење проституција“ е во надлежност на основните обвинителства. Во таа насока е потребно допрецизирање на споменатите кривични дела, оценуваат од Обвинителството.

Во однос на препораката за построги и подолги затворски казни од МВР за МИА изјавија дека со намалувањето на запретената законска казна од осум на пет години за кривичното дело „трговија со луѓе“ од член 418-а во ставот 4 од КЗ на РСМ (со измените од 2018 година), не веруваат дека може да се влијае одвратувачки од извршување на кривичното дело.

– Ако законодавецот предвидел минимална казна затвор од четири години за секој еден граѓанин што ќе го стори основниот облик на кривичното дело, тогаш во случај кога извршител на делото е службено лице во вршењето на службата, запретената затворска казна од пет години е ниска, особено ако се има предвид дека службеното лице не треба само да го почитува Законот, туку и да го спроведува, нагласуваат од МВР.

Во овој контекст, во однос на престојните измени во Кривичниот закон, барањата од МВР се во насока на заострување на казните за овој вид на кривични дела (генерално основниот и квалифицираните облици на делото од член 418-а „Трговија со луѓе“, како и член 418-г „Трговија со дете“ – што во изминатиот период беше и дел од препораките на ГРЕТА), а особено заострување на казните кога се однесува на извршување на кривичното дело од став 4 на член 418-а и став 6 од член 418-г.

– Потешките запретени казни, во комбинација со превентивните активности и подигнувањето на јавната свест за штетноста и последиците од извршувањето на кривичните дела „трговија со луѓе“ и „трговија со дете“, може позитивно да влијаат на сузбивање на оваа општествено штетна појава, сметаат во МВР.

Во Извештајот за спречување на трговијата со луѓе за 2021 година, што го објави американскиот Стејт департмент, се посочува дека Јавното обвинителството за гонење организиран криминал и корупција немало доволно ресурси, персонал и дигитални можности за менаџирање за да се справи со сите случаи во негова надлежност.

Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за МИА потенцираат дека не ги коментираат изјавите, коментарите или извештаите на другите институции.

Да не се заобиколуваат официјалните лица за кои има сомнежи за соучество во трговија со луѓе

За оваа препорака од Стејт департментот за МИА од Обвинителството одговараат дека согласно своите законски надлежности јавните обвинителства постапуваат против секое лице за кое постојат докази од кои произлегуваат основи на сомнение или основано сомневање дека сторило кривично дело без исклучок.

– Во досегашните предмети не е докажана инволвираност на службени лица во овие две кривични дела, стои во пишаниот одговор за МИА.

Инаку, во Кривичниот законик се предвидени ригорозни казни. За кривичното дело „трговија со луѓе“ по чл. 418-а  согласно Кривичниот законик предвидена е казна затвор во траење од најмалку четири години, а ако делото е сторено од страна на службено лице, тогаш ќе се казни со затвор од најмалку пет години. За кривичното дело „трговија со дете“ по чл.418-г , пак казните се движат од најмалку осум односно десет години за дете што не наполнило 14 години, до најмалку 12 години затвор  за корисникот на сексуални услуги од дете кое не наполнило 14 години.

Што се однесува до „заобиколувањето“ на официјалните лица за кои постои сомнение дека се соучесници или дека се извршители на кривично дело „трговија со луѓе“, и од МВР за МИА тврдат дека никогаш немаат пропуштено и нема да пропуштат да поднесат соодветна кривична пријава до ОЈО за ГОКК (доколку претходно биле добиени информации за тоа и преку спроведената истрага биле обезбедени материјални докази), без оглед на која позиција моментно се наоѓа(ло) „официјалното лице“.

– Од друга страна, со оглед на тоа што овој вид на криминал секојдневно се појавува во нови облици и државите се беспомошни во неговото искоренување, сметаме дека е неопходна континуирана обука на сите инволвирани страни со цел целосно разбирање на сложеноста на феноменот на трговијата со луѓе. Само со квалитетна обука и посветеност, институциите ќе се стекнат со потребните вештини, како за идентификување на потенцијалните жртви и жртвите на трговија со луѓе, така и за понатамошно процесуирање на сторителите на ова кривично дело. Не треба да заборавиме дека овие кривични дела се исклучително тешки и во интерес на жртвите е потребно сериозно и брзо дејствување од самиот почеток односно идентификување на жртвата до крајот на нејзината заштита и обештетување, оценуваат од Обвинителството.

Потребно е кадровско зајакнување на единицата во борбата против трговијата со луѓе

Согласно надлежноста на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција потребно е кадровско зајакнување на единицата за трговија со луѓе во која обвинителите и стручните соработници  што постапуваат по овие предмети ќе бидат специјализирани за овој вид на кривични дела и на кои ќе им бидат обезбедени неопходните услови за работа и постапување.

На овој начин, кај обвинителите ќе се развие свеста за уште ефикасно и поефективно процесуирање на овие предмети, а од друга страна пак судот со изрекување на високи казни делотворно ќе влијае врз потенцијалните сторители на ова кривично дело.

Поднесени кривични пријави за трговија со луѓе – трговија со дете

Во дел од Извештајот од Стејт департментот стои дека е намален бројот на обвиненија против трговци со луѓе, а од Обвинителството за МИА одговараат дека во 2022 година поднесени се две кривични пријави против вкупно седум лица. Истражните постапки се завршени и во двата предмети поднесени се обвинителни акти против шест лица, да против едно лице е поднесен обвинителен предлог. Предметите, подвлекуваат, се во судска постапка.

За кривичното дело „трговија со дете“ од член 418-г од КЗ, пак, во 2022 година се поднесени четири кривични пријави против 12 лица, меѓу кои тројца се странски државјани (еден белгиски и двајца српски државјани). По три пријави се донесени Наредби за истрага и предметните обвинители активно постапуваат, додека едниот предмет против две лица, по поднесен Обвинителен акт е веќе во судска постапка.

Во 2018 година се постапувало по една кривична пријава против четири лица останата од претходните години. По подигнати обвиненија донесени се осудителни пресуди против три лица за кои се изречени условни осуди. Во претходните 2019, 2020 и 2021 година не се поднесени кривични пријави за ова кривично дело, но се работело по кривична пријава против четири лица од претходен период што останала нерешена.

За кривичното дело „трговија со дете“ во 2017 година имало новопримени кривични пријави против три лица, а воедно е постапувано и против шест лица во истраги што останале незавршени од претходната година.

– За едно лице по спроведена предистражна постапка во 2019 година е донесено решение за отфрлање на кривичната пријава, додека за останатите две лица се донесени Наредби за спроведување на истражна постапка во 2017 година. По спроведена истражна постапка истата година за едно лице е поднесен Обвинителен акт, лицето во 2021 година е осудено на казна затвор во траење од 12 години и парична казна од 300.000 денари што треба да ги исплати на оштетената. Но, на 18.11.2021 година предметот е вратен на повторно судење и годинава лицето е осудено на казна затвор во траење од 10 години. За другото лице по извршеното собирање и анализа на севкупниот доказен материјал обвинителот утврди дека нема докази дека осомничениот го сторил делото што му се става на товар, поради што во 2018 година е донесена Наредба за запирање на истражната постапка, појаснуваат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Во текот на 2018 година за кривичното дело „трговија со дете“ примени се четири кривични пријави против 13 лица, а воедно продолжила да се спроведува истражната постапка од претходна година за едно лице. За две лица, кривичната пријава е отстапена на надлежност на друго обвинителство, за шест лица е издадена Наредба за собирање докази кај друг орган и по истите се постапувало до крајот на годината, а против шест лица е донесена Наредба за спроведување на истражна постапка. По завршената истрага се подигнати Обвинителни акти против шестте лица, а за едно лице е донесена Наредба за запирање на истрагата.

– Со првостепени пресуди лицата во 2019 година се осудени на затворски казни и тоа: едно лице е осудено на казна затвор во траење од 13 години, две лица на 12 години, по вложена жалба од обвинителството во 2019 година второстепениот суд ја преиначил казната на 17 години, односно на 14 години казна затвор; и на  едно лице на 10 години, едно лице на 8 години и едно лице на 4 години и шест месеци. По донесените првостепени пресуди, во двата предмети поднесени се жалби до повисокиот суд кој во текот на 2019 и 2020 година ги преиначил казните при што казната затвор во траење од 13 години е зголемена на 17 години, двете казни од 12 се зголемени на 14 години, а казната од 4 години и шест месеци на 8 години, информираат од Јавното обвинителство.

Во 2019 година поднесени се четири кривични пријави против 10 лица, меѓу кои и едно малолетно лице, а се постапувало и по кривични пријави против шест лица од претходен период. Едната кривична пријава против две лица е споена со веќе оформен предмет од претходната година. Шест лица биле во предистражна постапка, за две лица кривичната пријава е отфрлена, а за едно лице пријавата е решена на друг начин. Кај други органи по донесена наредба за прибирање потребни податоци и известувања останале кривични пријави за четири лица. Во текот на 2019 година против девет сторители на ова кривично дело се донесени Наредби за спроведување истрага. По завршена истрага подигнати се Обвинителни акти против исто така девет лица за кои исходот од пресудите е даден погоре и е поднесен еден предлог за определување на санкција за дете по што судот определил условна осуда за казна затвор од 2 години што нема да се изврши доколку сторителот за времетраење од три години не стори друго кривично дело.

Во ​2020 година, наведуваат од Обвинителството, во работа била кривична пријава против четири лица што останала нерешена од претходната година и истата не е решена до крајот на 2021 година. По поднесени обвиненија од претходни години, во текот на 2020 година донесени се осудителни пресуди за 12 лица за кои била изречена казна затвор и тоа за две лица во траење од четири години која со одлука на второстепениот суд по жалба на јавниот обвинител за едното лице е потврдена, а за другото е преиначена од пет на седум години, за едно лице е изречена казна затвор во траење од 5 години и 5 месеци, за едно од 4 години и 3 месеци, изречената казна затвор од по 4 години за две лица е преиначена од второстенеиот суд на 5 години, односно на 6 години, додека едно лице со одлука на Апелацискиот суд е осудено на казна затвор од 9 години, наместо 7 години изречени од првостепениот суд.

За 2021 година е поднесена една кривична пријава против три лица, а се работело и на гореспоменатата кривична пријава. Како што веќе споменавме во 2021 година е донесена една пресуда и истата е вратена на повторно судење од Апелациониот суд. За другата кривична пријава по поднесен Обвинителен акт против три лица, за две лица е донесена осудителна пресуда со која им е изречена казна затвор во траење од 15, односно 18 години, на која казна обвинителството поднесе жалба во однос на кривичната санкција и бараше максимална казна за двете лица. Предметот во 2022 година е укинат од страна на Апелацискиот суд Скопје и на повтореното судење се пресудени истите казни затвор. Во текот на судската постапка едно од обвинетите лица починало.

Цветанка Миновска