Постојано нешто чекаме: Плата, одмор, сонце – и така забораваме да живееме

Животот го живееме само еднаш и тоа не смееме да го заборавиме. Познатиот писател Момо Капор со секоја своја приказна нè поттикнува да размислуваме за животот и неговата смисла. А овој извадок од книгата „Белешките на една Ана“, дефинитивно ќе ве натера да се замислите:

„Кон што воопшто би требало да води животот? Кога веќе сакаш да чујам што мислам за тоа, ќе ти кажам – само те молам без аплаузи!

 Не сакам да го бутнам ова свое животче во некое непрестајно чекање. 

Што правиш по цел божји ден, само нешто чекаш? Плата, вечера, пролет, летување, зима, да зоврие ручекот, да се подгрее печката, матура, па факултет, па маж, па деца, па внуци, па дожд, па сонце, па да престане ветерот, па да отплатиш кредит, па да ти се тргнат досадните гости од дома, па да почне претставата, па да почне некоја телевизиска масажа – и што си правел? Ништо!

Постојано си чекал некаков ѓавол и тој еден ден навистина пристигнал, тој ѓавол, мислам, ама извини, веќе било доцна. 

Сакам сè да ми се случува веднаш. Еве сега! Сакам да молчам и да слушам музика која ми се допаѓа и ништо да не чекам, туку само да постојам, така некако – да ги чувствувам рацете, нозете, забите, непцињата, косата... Со еден збор, сакам баш сега да живеам, ако разбра што сакам да ти кажам?“