
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денес на новинарско прашање одговори дека не се согласува со забраната на Австралија на социјалните мрежи за деца до 16 години и потенцираше дека родителите треба да следат повеќе што прават малолетниците до таа возраст.
- Мое мислење е дека треба да работиме со родителите да ја насочат потребата на децата кон нивните мобилни телефони, кон алатки кои што им се од корист, а не кон алатки на кои поминуваат премногу време, а немаат никаква придобивка. Во таа насока, повеќе размислуваме за работа со родителите, отколку на некакви строги забрани, рече министерот.

Андоновски додаде дека забраната во Австралија би имала ефект доколку целосно и успешно се имплементира. Вели имало први информации дека се нашле начини како да се заобиколат забраните и дека тоа може да предизвика контраефект.