ПОСТАВЕНИ ЛИМЕНИ ТАРАБИ: Затворена за сообраќај улицата која минува покрај Рамстор

Деновиве турската компанија „Лимак холдинг“, која е сопственик на земјиштето кај Старата железничка станица почна да го оградува просторот.

Од неделата, улицата која минува покрај ТЦ "Рамстор" и ги поврзува Јужен булевар и улицата "Св. Кирил и Методиј" е заградена со лимени тараби и споена со градилиштето на турската компанија "Лимак", која треба да ја изгради подземната сообраќајница.

Тарабите се поставени на коловозот, па заграден е и целиот тротоар.

-На посочениот потег е воспоставен привремен сообраќаен режим, поради дислокација на вреловод од страна на компанијата Лимак.Одобрението за времениот режим важи 45 дена, од денот на воведувањето на инвеститорот во работите. Пешаците во овој период ќе се користат со тротоарот од другата страна на коловозот", велат од Град Скопје. 

Турската компанија "Лимак" пред четири години купи два плаца на трасата на Јужен булевар за 3,7 милиони евра.

Најави дека ќе изградат 2 000 станови, трговски центар и уште многу други содржини, но пред да почне да гради, има обврска да го изгради Јужниот булевар под земја. Просторот кај Музеј на Град Скопје беше ограден минатата година, а од неделата градилиштето е проширено и на улицата покрај ТЦ "Рамстор".