Поставен камен-темелникот: Лидл гради нов маркет во Гази Баба

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски информираше дека денеска поставиле камен-темелник за новата инвестиција на Лидл во Гази Баба – проект за кој вели дека претставувал уште еден значаен чекор напред во развојот на општината.

„Како локална самоуправа, континуирано и посветено работиме на создавање стабилна и поволна бизнис-клима, со јасна цел – привлекување на сериозни и реномирани компании кои ќе инвестираат, ќе отвораат нови работни места и ќе придонесуваат за економскиот развој на општината. Изградбата на маркетот на Лидл во Гази Баба е јасен доказ дека општината се развива во атрактивна и перспективна деловна средина. Тоа значи дека нашите политики, инфраструктурни инвестиции и поддршка за бизнисите даваат резултати и создаваат услови што можат да ги исполнат високите стандарди и очекувања на еден глобален малопродажен бренд, истакна Стефковски во објавата на Фејсбук.

Тој додаде дека оваа инвестиција ќе донесе нови можности за граѓаните на Гази Баба, како нови работни места, професионален развој, поголем избор и поквалитетна понуда за потрошувачите, а како што рече и, истовремено ќе придонела за дополнително зајакнување на локалната економија.

Градоначалникот воедно посочи дека присуството на една европска компанија како Лидл било силна порака дека Гази Баба е општина која се развива, општина која расте и општина која станува сѐ попривлечна за нови инвестиции.

„Нашата визија е јасна – модерна, економски развиена и динамична општина во која се создаваат нови можности за сите“, порача Стефковски.