Поставен хибриден колектор за вода и струја во градинка во Карпош

 

Објектот „Јасмин“ при градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2 е првата јавна установа под надлежност на локалната самоуправа, која користи хибридни колектори за производство на вода и електрична енергија.

Денеска, на Светскиот ден на енергетска ефикасност (05. Март), градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, заедно со претседателот на Владата, Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, направија обиколка низ оваа претшколска установа. 

Со поставувањето на хибридните колектори, оваа градинка ќе има заштеди на електрична енергија од околу 140.000 денари на годишно ниво, а веќе се произведуваат и 300 литри санитарна топла вода, за потребите на кујната и подготовка на оброци за најмладите.

Градоначалникот Богоев посочи дека во овие моменти општина Карпош работи и на креирање на првата енергетска задруга во Македонија:

 

  • Токму до оваа градинка се наоѓа основното училиште „Братство“. На кровната површина на оваа образовна установа планираме инсталирање на мини – фотоволтаична централа, со што ќе ја добиеме и првата енергетска задруга во Македонија. Членови на задругата ќе бидат 100 социјално – загрозени домаќинства, кои ќе можат да остварат и приход од оваа фотоволтаична централа, рече Богоев.

 

Од оваа година, целото јавно осветлување низ Карпош ќе биде покриено со штедливи ЛЕД светилки. Веќе течат активностите за замена на дел од светилките по сервисните улици, спортските и детски игралишта, како и по училишните дворови.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев потсети дека објектот „Јасмин“ е неодамна изграден, при што се зголемија просторните капацитетите за 150 м2 при се овозможи дополнителен простор за згрижување на 95 деца  (во нормални услови). Премиерот истакна дека оваа година ќе бидат доизградени уште 14 градинки на територија на целата држава. 

Инвестирањето во енергетски ефикасни објекти и во зелената енергија претставува вложување во подобар живот за сите граѓани, истакна Заев.

Министерката Шахпаска се осврна на фактот, дека сите нови објекти на градинки се градат согласно принципите на енергетска ефикасност. 

 

  • Предучилишните установи се и места каде што најмладите, од рани години учат како да се однесуваат кон животната средина и ова е начинот за изградба на здрави и едуцирани генерации млади луѓе, рече Шахпаска.

 

Таа во завршниот дел напомена дека во тек е и гасификацијата на градинките, а се воведува и користење на агро – отпадот, како еколошки начин за затоплување на предучилишните установи.

Општина Карпош продолжува секојдневно да работи на промовирање на обновливите извори на енергија, поттикнувајќи ги граѓаните, компаниите, заедниците на сопственици да се приклучат во оваа насока. Затоа што енергетската ефикасност значи поздрава животна средина, почист воздух, но и економска исплатливост и заштеди за граѓаните, институциите и претпријатијата.