Постара жена исфрлена на улица од семејството, десет дена живее во хорор-барака

Жена од Охрид, на возраст од околу 60 години, десеттина дена престојувала во разурната барака, отворена од речиси сите страни, бидејќи роднините ја исфрлиле од домот, дознава Фокус.

За случајот информираше Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид, кој откако добил информација за случајот, веднаш се упатил на самото место.

-Упатувам апел до семејството на оваа жена од Охрид, која десеттина дена е исфрлена и оставена од сите, да не дозволат, таа и понатаму да биде бездомник и да „живее“ во оваа напуштена хорор барака, од која, и кучињата ноќе бегаат.

Оваа жена, не заслужила таква суровост и бездушност од нејзините, не заслужила да биде оставена на милост и немилост на овој студ и на кучињата, кои ја имаа опколено денеска, кога по добиена информација, отидов на ова место. Упатувам пофалби за брзата реакција по моето јавување, на СВР Охрид, на Итната медицинска помош, на Центарот за социјални работи- порача Димоски, потенцирајќи дека семејството ќе мора да реагира и да ја згрижи жената.

Во разговор за ,,Фокус” тој појаснува дека организирал итната помош да ја транспортира жената во објект во Струга.

-Чекам да ми јават од Центар за социјални работи Охрид, дека обезбедиле место за сместување на жената. Немам засега информации каде ќе биде сместена и на колку долг период, ниту пак што ќе биде преземено доколку семејството одбие да ја прими назад – вели тој.

Околу тоа дали жената е со одредена попреченост, односно во каква психичка состојба е, Димоски вели дека според него, таа е добра.

-Во координација со ЦСР Охрид ќе ги имаме сите детали, најважно во овој момент е што жената нема да биде оставена на овој студ на милост и немилост – изјави тој.