Последната желба и беше куќата да и биде музеј на хуманост и музика

Сакаше патриотски песни, но многу имаше желба да пее за љубовта. Беше човек со голема душа, другар, сакаше друштво, обожаваше да се смее. Во неа имаше многу љубов, вели Борче Нечовски, кој е автор на текстови за неколку нејзини песни, пишува Дневник.

Македонската музика загуби голема пејачка и хуманитарка. Беше човек со голема душа. Во неа имаше многу љубов. Почивај во мир, легендо! Тоа се дел од коментарите по веста за смртта на Есма Реџепова. Kралицата на ромската музика почина вчера по кратко боледување на 73-годишна возраст.

Ќе биде запаметена по нејзиниот несекојдневен вокал, многуте хитови и хуманоста. Нејзината соработничка и пријателка Зорана Kостова вели дека до последен миг имала голема желба за живот и посакувала повторно да се искачи на сцената.

- Замина најмилото мое, ненадејно и многу брзо. А имавме толку многу планови. Последната желба и беше куќата да  биде музеј на хуманоста и музиката на Есма Реџепова и Стево Теодосиевски. Остави многу песни и добри дела. Добро е што неодамна се појави и монографијата за неа - открива Kостова.

Животниот пат и блескавата кариера на Есма Реџепова-Теодосиевска во нејзината 55- годишна кариера се опфатени во монографијата „Есма“ на истакнатиот публицист Славе Kатин. Обемната биографска приказна е сместена на 410 страници. Делото е илустрирано со фотографии, кои во контекст на текстовите и хронологијата доловуваат автентична слика и заокружуваат една вистинска животна и уметничка приказна за естрадната ѕвезда.

- Одржа илјадници концерти, сними 600 песни и посвои 48 деца. Со ансамблот „Теодосиевски“ престојуваше во многу кризни подрачја во светот, зафатени со војни, природни катастрофи, епидемии охрабрувајќи ги и духовно помагајќи им на луѓето да ја пребродат кризата - посочува авторот на делото.

Есма Реџепова е родена на 8 август 1943 година во Скопје. Потекнува од сиромашно работничко семејство, составено од повеќе нации, во кое царувале трите најважни светски религии: еврејската, муслиманската и православната. Никогаш не се срамела од работата, ниту кога сиромаштијата ја принудила да чисти скали и да брише прозорци во домовите на имотните скопјани. Ја пленила публиката со својот глас пеејќи песна во една театарска претстава и добила покана да учествува на меѓуучилиштен натпревар во пеење во Сарај. Во ѕвездите ја вивна сопругот Стево Теодосиевски.

Есма стана лесно препознатлив македонски бренд во светот со својата оригиналност и музичка виртуозност.

Ја претставуваше Македонија и на Евровизија пред три години. Пееше во дует со Влатко Лозановски. Пејачот посочува дека нејзиното заминување во вечноста е голема загуба за Македонија, Балканот и светот.

- Чест ми беше што соработував со неа. Беше голем пејач со фантастичен глас - вели Лозановски.

Песните во нејзина интерпретација беа посебни, како „Чае шукарие“ и „Зошто си ме мајко родила“. Текстописецот Борче Нечовски открива дека Реџепова многу сакала да пее за љубовта.

- Сакаше патриотски песни, но многу имаше желба да пее за љубовта. Беше човек со голема душа, другар, сакаше друштво, обожаваше да се смее. Во неа имаше многу љубов - вели Нечовски, кој е автор на текстови за неколку нејзини песни.