Последна Критична маса за 2018 – „НаТочак“ од јануари најавува нови борби за велосипедистите

Изминатите, речиси 12 месеци, „НаТочак“ освен што иницираше и организациски поддржа 11 критични маси и 12-та во најава, во април предложи измени на закони и правилници за урбанистичко планирање, ги координираше и промовираше Winter Bike To Work Day настаните во февруари, Детската критична маса со Ветерница во ноември, а во мај заедно со НУБ „Св. Климент Охридски“ организираше изложба на 73 постери од Критична маса, истакнуваат од ова неформално здружение за урбан велосипедизам правејќи рекапитулација на 2018 година.

Меѓу другите активности спроведени годинава ги издвојуваат: анкета за украдени точаци во месец февруари, анализа на полициски извештаи за судири во кои биле вклучени велосипедисти со реакција до МВР, реакција на несоодветно реконструирани улици и паркирани автомобили, барање за безбедни зони околу школите и вистински Ден без автомобили, а потсетуваат и дека во 2018 за првпат се појавила иницијатива од страна на студенти за креирање платформа за регистрирање на велосипеди – Велорегистар.