Последен поздрав: Денеска ќе биде погребан прерано починатиот Влатко Илиевски

Прерано починатиот пејач Влатко Илиевски ќе биде погребан денес напладне на гробиштата во Ѓорче Петров.Неговото тело ќе биде изложено во капелата од 11 до 12 часот.

Следната недела ќе бидат познати причините за смртта на Илиевски,  потврдија  од Институтот за судска медицина. Потребен е период да се реализира обдукцијата врз телото на пејачот  и да се утврдат вистинските причини за неговата прерана смрт.

Безживотното тело на Илиевски,  беше пронајдено саботата наутро во неговиот автомобил на улицата Трета македонска бригада во населбата Аеродром во Скопје.

Според првичните информации, кај починатиот поп-пејач Влатко Илиевски не биле видливи траги на насилство, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје.

Дежурен јавен обвинител од ОЈО работи на расветлување на причините за смртта на 33-годишниот Илиевски.

Веста за неговата смрт ја потресе македонската естрада и неговите фанови. Колегите на пејачот и други познати личности, преку социјалните мрежи во неверица се збогуваат со Илиевски. Во текот на изминатата недела Влатко го прослави 33-от роденден.

Пејачот кој ја претставуваше Македонија во 2011 на Евровизија во Дизелдорф со песната „Русинка“, почина, пишува и официјалниот сајт на овој музички натпревар, повикувајќи се на македонските медиуми.

Во 2007-та, Македонија исто така на загуби уште еден поранешен претставник на Евровизија, Тоше Проески на млади години (26), кој загина во сообраќајна несреќа“, пишува Eurovision.tv. Во име на целата евровизиска заедница, тие изразуваат сочуство до најблиските.

 

 

Социјалната мрежа Фејсбук го затвори профилот на пејачот Влатко Илиевски . Станува збор за нова опција на Фејсбук со која по смртта се затвора профилот на личноста, ги нема опциите за додавање, бришење или блокирање од листата пријатели. Меѓутоа, профилот останува достапен за посетување.

„Сеќавајте се на Влатко Илиевски. Се надеваме дека луѓето кои го сакаат Влатко ќе најдат утеха посетувајќи го неговиот профил за да се сетат на него и да го прослават неговиот живот“, напишаа од Фејсбук.

Илиевски е роден на 2 јули 1985 година во Скопје. На музичката сцена беше активен од 2000 година. Свирел гитара во локални скопски бендови, членувал во бендот „Мејд ин Маседониа“, а потоа стана познат како вокал на групата „Морал“ која во 2005 година настапи како предгрупа на концертот на „Дип парпл“ во Скопје.

Од 2007 година почна солистичка кариера и имаше два албума со вкупно 20 песни, меѓу кои: „Најбогат на свет“, „Уште си ми ти“, „Со други зборови“, „Гушни ме“, „Скитник“, „Среќа“, „Пред да те знам“, „Се што сакав по тебе“, „Пак на старо“...

Влатко беше дипломиран актер со завршени студии на Факултетот за драмски уметности во Скопје.