Поскапува живеачката: Трошоците во 2024 за 3,5 отсто повисоки од 2023 година, додека цените на мало за 3,8 отсто

Трошоците на животот во 2024 година, во однос на 2023 година, бележат пораст од 3.5 проценти, а цените на мало од 3,8 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.

Во декември 2024, пак, во споредба со истиот месец од 2023 година, трошоците на живот се зголемени за 4.4 %, а цените на мало за 4.3 %.

Движењето на индексот на трошоците на животот во 2024 година e различно кај одделни групи на потрошувачката. Пораст на индексите е забележан во сите групи: Ресторани и хотели за 9.9 %, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 7.6 %, Здравје за 5.3 %, Разновидни стоки и услуги за 5.1 %, Рекреација и култура за 4.9 %, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 3.8 %, Облека и обувки за 3.1 %, Комуникации, Храна и безалкохолни пијалаци за 2.9 %, Транспорт, Домување, вода, електрика, гас и други горива за 1.4 % и Образование за 0.2 %.

Движењето на индексот на цените на мало во 2024 година, исто така, беше различно кај одделни групи производи.
Пораст на индексите е забележан во сите групи: Земјоделски производи за 7.1 %, Услуги за 5.0 %, Пијалаци за 4.0 %,
Индустриско-прехранбени производи за 3.5 %, Индустриско-непрехранбени производи и тутун за 2.1 %.

Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во декември 2024 година, во однос на ноември 2024 година, изнесуваше 0.3 %. Зголемувањето на инфлацијата во декември 2024 година, во однос на ноември 2024 година, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: транспорт за 4.8 %, рекреација и култура за 1.7 %, ресторани и хотели за 0.4 %, облека и обувки за 0.2 %, разновидни стоки и услуги за 0.1 %.

Во декември 2024 година, во однос на ноември 2024 година, намалување на трошоците на животот е забележано во следните групи: комуникации за 0.4 %, храна и безалкохолни пијалаци за 0.3 %, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0.2 %.

Трошоците на животот во групите: алкохолни пијалаци, тутун и наркотици, домување, вода, електрика, гас и други горива, здравје и образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.

Цените на мало во декември 2024 година во однос на ноември 2024 година бележат раст од 1.2 %, објави ДЗС.