-Нов удар по џебот на граѓаните, поскапите цени на услугите од Катастар се за да се покрие недомаќинското раководење. Фалична е власта на Ковачевски затоа што е одлепена од реалноста, порачаа денеска од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Од опозицискта партија велат дека дека во услови на тешка економска криза и сиромаштија власта ги оптоварува граѓаните и субјектите со повисоки цени на услугите на Агенцијата за катастар на недвижности.
-Со новиот тарифник на катастарот, за кој дала согласност владата на Ковачевски, цените на услугите се поскапени за 100, 200 па дури и 500%. Ако досега за добивање на податоците кои се потребни за подготовка на геодетски елаборат се плаќало 750 денари, со зголемувањето износот ќе биде 1.552 денари; -ако правото на упис на стан досега чинеше 300 денари, сега е 1200 денари; -ако имотен лист чинеше 180 денари, сега е 250 денари, велат од ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека:
Ова е удар по граѓаните, за да се покрие недомаќинското работење на Агенцијата за катастар. Дали со поскапи услуги ќе се спасува Катастар од банкрот, институција која изминатите 5 години потроши 50 милиони евра од Буџетот и 10 милиони евра донации? Каде отидоа овие пари кога нема ниту реформи, ниту подобар систем? Власта на СДС и Ковачевски се шампиони во упропастување на државни компании, агенции и институции и нивно претворање во загубари. Нивното недомаќинско и криминогено работење потоа граѓаните скапо го плаќаат.