Поскапо е да се урне споменикот на Мајка Тереза отколку да се пренамени

Споменикот на Мајка Тереза на плоштадот Македонија нема да се урива оти тоа било поскапо отколку да се пренамени, велат од Владата, пренесува СДК.

Работната група за „Скопје 2014“ која ја формираше Министерството за култура предложи тој да се урне бидејќи прекршува низа закони, правниот поредок и владеењето на правото. Но, и покрај тоа Владата предводена од СДСМ која додека беше опозиција го критикуваше проектот и го нарекуваше кич и криминален, реши да се распише конкурс за избор на идејно решение за негова пренамена.

„Владата на Република Северна Македонија го задолжи Министерството за култура да спроведе постапка за пренамена на објектот со скулптурална композиција Мајка Тереза согласно со предвидените можни намени во урбанистичката планска документација за предвидената парцела. На јавниот конкурс треба да се предложуваат идејни решенија за пренамена на објектот. Оваа владина одлука е резултат на направените анализи кои што покажаа дека ќе бидат потрошени повеќе пари доколку се урива, во споредба со средствата потребни за пренамена на објектот“, велат од Владата.

Од таму не одговорија на нашето прашањето колку пари ќе бидат потребни за пренамена, а колку за уривање на објектот. Владата не одговори ниту на прашање дали сметаат дека почитувањето на законите кои во овој случај се прекршени и правото на јавен простор, се поважни од парите.

Откако Владата кон почетокот на февруари донесе одлука споменикот на Мајка Тереза да не се урива туку да добие нова намена, оставка од работната група поднесе претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија Мартин Пановски.

„Споменикот на Маја Тереза е изграден во пешачки дел на влезот на Плоштадот, таа градба го прекршува Уставот, Законот за урбанистичко планирање и ред други закони. Сметам дека тој споменик треба да се урне, а не да се доградува. Не сакам да бидам алиби од довршување на проекот ‘Скопје 2014’“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК на 13 февруари Пановски.

Дека споменикот треба да се урне смета и професорот Мирослав Грчев, координатор на работната група за „Скопје 2014“, кој вели дека во овој случај се работи за тежок злочин, злоупотреба на јавен простор, тешка кражба и криминал.

„ Ако сакате да речете дека ги спроведувате законите, тогаш нема дилема дека тој објект треба да биде отстранет. Споменикот е ставен на место кое ниту една земја, колку и да е фашистичка, нема да го смести„, рече Грчев во јануари.

Споменикот на Мајка Тереза беше најавен како донација на фирмата „Сахара Индија“, сопственост на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој. Тој заедно со тогашниот премиер Никола Груевски во јануари 2013 го најавија проектот отворајќи ја спомен плочата на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија, на местото каде ќе се гради споменикот. Откако Рој отиде во затвор оти не платил оштета на измамени инвеститори во Индија, Владата на Груевски преку Министерството за култура го презеде проектот. Официјалниот старт на градежните работи беше во октомври 2015 и според договорот со изведувачот „Бетон-Скопје“ треба да чини 5,5, милиони евра и треба да биде висок 32 метри.