Пошта тоне во долгови, ова го покажува и најновиот извештај на Државниот завод за ревизија. Таму се вели дека континуираните загуби негативно се одразуваат на тековното и идно работење на друштвото, не овозможуваат негов развој и го доведуваат во прашање ефикасното, трајното, уредно и квалитетно вршење на дејноста како јавен оператор во внатрешниот и во меѓународниот поштенски сообраќај
Ревизорите направиле анализа и на услугите кои ги дава ова јавно претпријатие и утврдиле дека пратките не се доставуваат навремено.
„Во 2023 година, 59,7% од пратките биле доставени во првиот ден, додека 30,5% биле доставени во период подолг од три дена. Овие резултати укажуваат на отстапување од целите поставени од Светскиот поштенски сојуз, кој пропишува минимален стандард од 75% и максималниот стандард од 88% за успешно и навремено доставени пратки“, се вели во извештајот.
Ревизорите утврдиле и сериозни неправилности во работењето на АД Пошта.
„Недостасуваат точни и усогласени евиденции за земјиштето и градежните објекти, што влијае на квалитетот на податоците во трговските книги. Дел од објектите, како и два одморалишта во Охрид вредни 6,4 милиони денари, се во лоша состојба и потребна им е санација, а за еден е утврдено бесправно користење, посочуваат во извештајот од ДЗР.
Исто така и процесот за поделба на имотот меѓу АД Пошта и Македонски Телеком, започнат во 1996 година, не е завршен, а од 2017 година е запрен и до денот на ревизијата не се дадени насоки за понатамошно постапување со заедничкиот имот на двете друштва.
Законот за поштенските услуги пропишува давателите на поштенските услуги да плаќаат годишен надоместок на Агенцијата за пошти. За 2023 година, АД Пошта на Северна Македонија требало да плати 23.461 илјади денари, но поради финансиски тешкотии, друштвото ненавремено ги подмирило овие обврски, што резултирало со каматни трошоци од 1.990 илјади денари. Сите обврски биле подмирени во април 2024 година“, се додава во извештајот на ДЗР.
Во извештајот од ДЗР се подвлекува дека во септември 2023 година и покрај континуираниот негативен финансиски резултат, друштвото извршило зголемување на месечната нето плата на директорите на сектори, заменик генералниот и генералниот директор за 42% до 58% соодветно, што не е во согласност со Законот за трговски друштва. Според законот, во случај на намалена добивка или значително влошена финансиска состојба на друштвото, надоместокот на плата и другите бенефиции, предвидени во менаџерскиот договор може да се намалат.
Со извршената ревизија, се вели во зивештајот, констатирани се и низа други состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеноста со законската регулатива.