Пошта им овозможува на пензионерите пензијата да ја добиваат дома

Пошта на Северна Макеоднија продолжува со практиката за носење пензии до домот на корисниците.

Директорот Јани Макрадули објави дека тоа го прават со најниски провизии од сите на финансискиот пазар. Пошта е инаку партнер на „ХАЛКБАНКА“ и „НЛБ Банка“ за исплата на пензиите до домот.

Оваа услуга ја покрива целата територија на државата, а се носат пензии во различни суми.

Надоместокот за исплата на пензии до 5.000 денари е 70 денари. За тие од 5.001 до 9.000 денари е 100 денари. Провизијата за суми од 9.001 до 15.000 денари е 130 денари, а за пензиите над 15.001 денар изнесува 160 денари.  

Како што објави Пошта, секој пензионер кој сака пензијата да ја добива дома треба да пополни формулар во банката. 

Инаку, од денеска започна исплатата на јануарските пензии.

Пензионерите со јануарската пензија ќе добиваат поголема пензија за 2,9%, по основ на законското усогласување на пензијата со порастот на трошоците за живот. Согласно објавата на Државниот завод за статистика („Службен весник на РСМ“ бр. 7/22) индексот на трошоците на живот во второто полугодие од 2021 година во однос на првото полугодие истата годинa изнесуваат  2,9%, соопшти Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Зголемувањето на просечната пензијата во номинална вредност изнесува 460 денари, а на минималната пензија за 304 денари.

Редовното законско усогласување на пензијата се врши два пати во годината од 1 јануари и 1 јули секоја година според процентот на порастот на индексот на трошоците на живот, што обезбедува одржување на економската вредност и куповната моќ на пензијата.