Посетителите се воодушевени од целокупниот амбиент на комплексот “Македонско село“

Делчевска, кумановска, тетовска, реканска, галичка, струшка, велешка, прилепска, битолска, беровска, кратовска и куќа од Скопска Црна Гора се дванаесет автентични куќи во комплексот “Македонско село“. На само неколку километри од Скопје, во близина на манастирската црква Св. Пантелејмон, на површина од 12 илјади метри квадрати од неодамна е отворен долгоочекуваниот комплекс „Македонско село“. Посетеноста на овој автентичен комплекс од ден на ден е се поголема, а најголем број на посетители има за време на викендите и во неработните денови, односно државните празници. Менаџерскиот тим на комплексот е задоволен од досегашната посетеноста, тие за Скопјеинфо велат дека посетителите се воодушевени од целокупниот амбиент и од гостопримливоста на тимот на “Македонско село“.

- Комплексот се состои од 12 автентични куќи: делчевска, кумановска, тетовска, реканска, галичка, струшка, велешка, прилепска, битолска, беровска, кратовска и куќа од Скопска Црна Гора. Во долниот кат во битолската куќа е прикажан грнчарскиот занает каде посетителите можат да се обидат да направат или да си купат готов грнчарски производ. Во долниот кат од тетовската куќа е прикажан филигранскиот занает кој е дел од македонската традиција како и ткајачкиот занает кој е прикажан во куќата од Скопска Црна Гора. Исто така комплексот располага и со продавница која е сместена во долниот кат на прилепската куќа, сувенирница и етно музеј. Во рамките на комплексот постојат два ресторана: Македонски ан и Антигона како и етно бар каде посетителите можат да уживаат во традиционалната македонска кујна. Во горниот дел од куќите има 53 соби за ноќевање во кои ќе можат да преспијат туристите, објаснува манаџерскито тим.

- Со оглед на фактот дека комплексот “Македонско село” од неодамна е отворен ние сме задоволни од посетеноста. Би сакале да истакнеме дека поголема е посетеноста за викенди и државни празници. Посетителите се воодушевени од комплексот и постојано потенцираат дека навистина на Скопје му беше потребно една ваква туристичка атракција. Понатаму, велат дека најмногу посетени се тетовската, битолската како и куќата од Скопска Црна Гора поради застапеноста на работилниците на кои се презентираат старите македонски занаети, а додека пак, капацитетите за преноќување се уште не се пуштени во употреба, но се надеваат дека во скоро време истите ќе профункционираат.

-Преубавиот амбиент на комплексот како и гостопримливоста на тимот на “ Македенско село” придонесуваат да се појави желба кај посетителите повторно да не посетат и да уживаат во содржините кои што ги нуди истиот и би сакале да ја искористиме можноста и да ги поканиме како домашните така и странските гости да дојдат и да не посетат, истакна тимот на “Македонско село“.

Дека задоволството е обострано, потврди и Александра В. од скопската населба Хиподром, која заедно со своето семејство го посетила комплексот за време на викендот.

-Целиот комплекс е навистина преубав, секоја куќа си има своја приказна, а особено им беше интересно на децата бидејќи имаа можност да видат дел од старите занаети кои се дел од македонската традиција. По завршувањето на прошетката, ручавме во еден од рестораните, а морам да ја пофалам и храната која што беше превкусна. Сигурно дека повторно ќе се вратиме во „Македонско село“, потенцираше Александра.